Серија разбојништва изминатиот викенд
Две маскирани и вооружени лица во саботата околу 20,40 часот ја ограбиле спортската обложувалница „Балкан бет“ во Скопје и одзеле 40.000 денари, по што побегнале. Деведесетина минути подоцна, две маскирани и вооружени лица го ограбиле казиното „Астра“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, од каде што одзеле околу 12.000 денари.
Еден часот по полноќ во неделата бил ограбен клубот за игри на среќа „Астра“ на улицата „11 Октомври“ во Скопје, од каде што двете маскирани и вооружени лица одзеле 30.000 денари.
Полицијата трага по нив и истражува дали станува збор за истите разбојници.
МВР вчера информираше за уште еден случај на разбојништво. Четворица тинејџери се осомничени дека од куќа во Дихово, Битолско, одзеле пари и накит вреден 350.000 денари. Тие ја нападнале 71-годишната домаќинка, а потоа побегнале, но набргу биле фатени. (Г.А.) |