По четири години, разрешено убиството во Раштак

Убиството се случи на 31 декември 2004 година во куќата на Мојсоски
По четиригодишна истрага, полицијата откри кој го убил Миле Мојсоски (63) од Прилеп, кој беше застрелан ноќта спроти Новата 2005 година пред очите на сопругата и детето во куќата во скопското село Раштак. По акцијата „Лихвар“, МВР за убиството го осомничи прилепчанецот Дејанчо Николоски (33), со прекар Бурде, кому веќе му е одреден едномесечен притвор. Мотивот за злосторството бил металниот сеф со пари на Мојсоски. Во оружениот грабеж, на Николоски му помагале уште едно или две лица, но во Мојсоски пукал Бурде. По неговите партнери се трага.
Ужасот во куќата во Раштак започнал околу 22,30 часот на 31 декември 2004 година кога разбојниците најпрво го усмртиле ротвајлерот во дворот, а потоа влегле во куќата каде што Мојсоски со сопругата, 12-годишниот син и 24-годишна девојка од Кратово, за која тогаш се зборуваше дека му е ќерка од првиот брак, ја прославувале новогодишната ноќ. Николоски веднаш го застрелал домаќинот, а потоа почнал да ја малтретира сопругата, барајќи да му каже каде се парите. Со кујнски нож почнал да ја сече по нозете, а неговите партнери ги врзале синот и девојката од Кратово. Изживувањето продолжило уште неколку часа, а насилниците ги седнале домашните до телото на убиениот, наредувајќи им да продолжат да ја слават Новата година. Сопругата на Мојсоски им кажала дека сефот со парите е во плакарот во спалната соба, по што насилниците го одзеле, како и џипот „опел монтереи“ со бугарски таблички, сопственост на Мојсоски.
Бурде успешно се криел четири години. Бил фатен по серија кражби што ги извршил минатиов период со уште едно лице со прекар Соленка. На двајцата им е одреден едномесечен притвор. (Г.А.) |