Злате Билјановски е роден во крушевското село Пуста Река. Како дете во триесеттите години на минатиот век заминал со татка си во Војводина да го печи пекарскиот занает. Како што ќе ни рече во една прилика, никогаш не помислувал дека ќе биде прогласен за народен херој.
„Не очекував дека ќе го добијам ова највисоко одликување, дури дека ќе добијам некаква функција. Си мислев, откако ќе заврши војната, ќе се вратам на својата стара работа, да бидам шнајдер, занает што го изучив“, ќе ни изјави скромниот Билјановски.
Дека добил Орден за народен херој дознал од Крсте Црвенковски. Не можел да поверува дека таа чест му припаднала токму нему. Кога разговаравме со него по повод годишнината од 11 Октомври, денот кога започна Народноослободителната антифашистичка борба во Македонија,
Билјановски, иако имаше навршено 85 години, се' уште изгледаше витално. Секој ден пешачел по пет-шест километри. Кога го прашавме за здравјето, ни објасни дека во животот имал десет операции, а најтешка му била последната, кога ги оперирал артериите што ги снабдуваат нозете со крв, а операцијата била многу сложена.
Народниот херој Билјановски вршел многу функции. По војната, бил началник на УДБА за Скопје, државен секретар за внатрешни работи на Македонија. Откако го смениле Цветко Узуноски-Абас, го ставиле на негово место. Потоа, како што ни рече, сам си поднел оставка, поради тоа што не се согласувал со Љупчо Арсов, бидејќи барал од службата да спроведува задачи што не можел да ги изврши.
Билјановски е прогласен за народен херој во 1952 година. Образложението зошто му го дале тоа највисоко одликување никогаш не го дознал. Како што тогаш ни рече, претпоставува дека е поради тоа што за ��реме на Мајско-јунската офанзива, како заменик-комесар на бригадата ја издржал целокупната борба, мобилизирајќи ги комунистите и скоевците за борба против 40 илјади бугарски војници и полицајци.
На прашањето како гледа на тоа што некои во последно време ја негираат или ја минимизираат Народноослободителната борба, Билјановски ќе ни изјави: „Прават најголема грешка. Ние единствени најдовме можност да имаме сојузници за ослободување на Македонија во Народноослободителната борба. Сите народи на Југославија се вклучија во таа борба и ни помагаа и нас за нашето национално ослободување. А, некои сега ни викаат дека сме србомани. Сите наши одреди ги носеа имињата на илинденците. Бевме вистински вмровци, а не овие денес, затоа што се боревме и ги остваривме целите на ВМРО за формирање македонска држава. Најдовме начин како да создадеме своја македонска држава, да ја реализираме борбата на илинденците. И успеавме во тоа. Во 1944 година сами ја имавме ослободено цела Македонија, без некој да ни помогне“. (В.Ц.)