ЕДИТОРИЈАЛ
Мачни репризи во Собранието
Оливера Војновска
Вчера не беше „свечен ден за Собранието“, така како што посакуваше шефицата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Првата верзија на законот за Собрание не само што беше верификувана без опозицијата, туку за ова законско решение не гласаа повеќе од половина пратеници. Тоа, секако, не дава свечена димензија на чинот.
Уште помалку предизвикува чувство на гордост дека Собранието, по речиси 20 години парламентарна демократија, го направи првиот чекор за еден ваков закон. Напротив, целиот настан остава горчлив вкус. И вчера покажавме дека ние сме мајстори да направиме проблем и таму каде што, по дефиниција, не би требало да го има.
Пратениците два дена се надмудруваа во пленарната собраниска сала. Меѓусебно се навредуваа, се инаетеа, си дофрлуваа, извикуваа „уа“. Ваквата слика во парламентот не ја гледаме првпат и не претставува некакво изненадување. Чудно е што тоа се случува за законот за парламент. Уште почудно е што вакви изблици има за закон, кој се однесува на самите пратеници, кои со овој документ, конечно, добиваат можност да ги зајакнат капацитетите на законодавниот дом, вклучувајќи ги и финансиските. И што е многу важно, со него добиваат шанса да се ослободат од сервилната улога кон Владата и да ја засилат контролната улога над извршната власт.
Логиката на здравиот разум налага дека е многу нормално сите 120 народни избраници (од кои половината само седат и гласаат закони кои секојдневно паѓаат на Уставен суд), да бидат заинтересирани да се донесе ваков документ.
Владејачката коалиција контролира двотретинско и Бадентерово мнозинство во парламентот, но ништо, ама ништо нема да се постигне доколку и финалната верзија на законот за Собранието се донесе без консензус.
Ние веќе имаме едно неславно искуство со многу сличен документ, Деловникот. Неговото експресно донесување без опозицијата и без никаква расправа, за само неколку секунди, сигурно урна рекорди на Гинис. Но, исто така, ја турна и земјата неколку чекори назад.
Деловничкиот куриозитет цела година не' следи и како сенка се провлекува во сите извештаи, кои ги добиваме од меѓународните претставници и институции. Навистина нема потреба од нова реприза. Особено не во ситуација кога светот филигрантски не' перцепира.
Несомнено е тешко да се надминат разликите, несогласувањата, па и суетите. Сепак, не е и невозможно тоа да се постигне и да се обезбеди широка политичка поддршка за законот.
Мора да има формула за компромисно решение. Многу пати досега била најдена. И тоа за многу посериозни и почувствителни прашања. Само треба да се има желба за да се седне и да се поразговара.
Решение сигурно нема да се постигне со популистички настапи како на партиски митинзи. Ниту ако со вдахновени говори се величат „заедничките проекти“, кои никако да излезат на виделина. До решението нема да се дојде ниту со исклучивост, со уцени и ставање пред свршен чин, сега и веднаш да се сменат нештата. Со овој Деловник парламентот функционира една година и досега не забележавме зборливата опозиција да лее „крокодилски“ солзи дека била замолчена. Па, како ќе се постигне компромис ако не се попушти за ниту една од спорните пет, десет или триесет забелешки! Доколку сите стојат цврсто и не се помрднуваат за милиметар од бетонираните позиции.
Еден од парламентарците вчера рече дека „пратениците носат закон за средување на својот двор“. Па, господа пратеници средете го! Никој не ве спречува. Напротив, добивате само охрабрувачки пораки во таа насока и тоа од многу значајни личности на светската политичка сцена. И, не е в ред поради вашиот несреден двор, сите ние да добиваме „гнили јаболка“. |