Асфалтната база ќе го спасува ЈП „Улици и патишта“
Претпријатието лани најмалку работело по налог на Градот и на општините, но, сепак, успеало да ја заврши годината во плус
Деспина Трајковска
Помалку асфалтирани површини, ниту една закрпена дупка на општинска улица, на прсти изброени затворени прекопи. Сепак, сметка во плус. Вака скенирано работело Јавното претпријатие „Улици и патишта“ во 2010 година. Иако градско, претпријат��ето било ангажирано на проекти на Град Скопје помалку од очекуваното, а работело само со две општини. Во актуелната градска ренесансна акција ова ЈП санираше само една улица, иако акцијата опфати повеќе од десет сообраќајници. Збунувачка ситуација ако се има предвид дека Градот е основач на претпријатието, а, од друга страна, е и позитивниот финансиски исход во 2010 година. Најголем дел од сработеното работниците на „Улици“ го минале на приватни тезги. Асфалтирале, прекопувале на барање на приватни субјекти. Споредбено со изминатите години, „тезгарењето“ им е во пораст.
„Иако нелогично, работите стојат така. Работевме повеќе по барање на приватни фирми, интервенции на други субјекти и ‘обични‘ граѓани. Работиме и за Градот, но не колку што можеби се очекува во јавноста, со оглед на тоа дека сме негова фирма-ќерка. Пазарот е отворен, за секој ангажман се распишува тендер на кој иако се пријавуваме, најчесто се случува да победат други. Нудат поевтини цени оти очигледно се фирми со помалку расходи по основа на плати и осигурувања, што не е случај со нас“, вака накусо директорот Синиша Ивановски ја објаснува состојбата во која се наоѓа претпријатието.
Не се жали што ЈП не е експлоатирано од Градот и општините, иако би било логично. Иако смета дека има капацитет да одговори на барањата, сепак, признава дека не е подготвено во секој момент да ги изврши комплетно обврските.
Застарената механизација, смета Ивановски, е главната причина што го кочи „Улици“, а во меѓувреме „сопка“ била и застарената асфалтна база. Годинава, освен четирите машини, кои ЈП ги доби како донација од Градот(машина за гребење асфалт, ровокопач, два камиона), за подобрување на условите за работа и зајакнување на конкурентноста „Улици“ неодамна доби и градски субвенции во висина од речиси 250.000 евра. Тие пари наменски ги искористи за санација на асфалтната база. Деновиве таа ги произведува првите тони асфалт по санацијата. Токму во модерната асфалтна база, речиси целосно компјутеризирана, вработените од „Улици“ гледаат начин за нивно зацврстување и позиционирање на пазарот.
„Сега, дефинитивно, нема да бидеме во грч дали производството на асфалт неочекувано ќе прекине или ќе произведе помалку од планираното и тоа со послаб квалитет. И покрај се' уште недоволниот возен парк, верувам дека со новата асфалтна база ќе успееме да станеме конкурентни“, вели Ивановски, кој иако успеа 2010 година да ја заврши со позитивен финансиски резултат, сепак, нема да ја има на располагање добивката од 17 милиони денари. Парите, вели Ивановски, за жал, наместо за осовременување на возниот парк што му е повеќе од потребен на претпријатието, ќе се потрошат за долговите што ги има по основа на ДДВ и други побарувања што не се реализирани од пред две години. |