Се избираат најубаво уреден двор и балкон во Гази Баба
И годинава ќе се избира најубаво уреден двор на приватен, комерцијален и на јавен објект, најубаво аранжирани градина, балкон и блоковско зеленило во општината Гази Баба. Проектот е продолжение на минатогодишните акции за најубаво уредените зелени и цветни композиции, кои ги реализира општината во соработка со Организацијата на жени. Заинтересираните што сакаат да конкурираат со своите аранжман�� може да се пријават најдоцна до 30 јуни во општинските простории или тоа можат да го сторат по телефон на бесплатниот број 0800 4 22 22 или со порака на мобилниот телефон 072 20 82 84. Изборот ќе го врши стручна комисија, а наградите ќе бидат доделени во текот на јули.
Инаку, годинава по петти пат ќе се одлучува кои се најубавите дворови во општината. Во рамките на проектот ќе се организираат и акции за садење цвеќиња на јавните површини во Гази Баба, а во нив ќе учествуваат членките на ОЖ и вработени во Општината. Оттаму се надеваат дека со вакви проекти во голема мера ќе го поттикнат креативниот дух и ќе ги мотивираат граѓаните да ја озеленат својата животна средина и да ја разубават општината. (Сн.К.) |