Пренесено
Невкуснa почит за Мајка Тереза
Куќата на Мајка Тереза навредува со бизарната процедура на селекција, со својата ароганција и невкус
Највлијателното светско списание за архитектура „Архитекчрал ривју“ (Architectural Review) пишуваше и за Спомен-домот на Мајка Тереза во центарот на Скопје. Оценките на ова списание, кое излегува од 1896 година во Лондон, се исклучително важни за сите архитекти во светот. „Архитекчрал ривју“ е особено пофалуван како лидер во дебатите за новите проекти што се градат во градовите насекаде во светот. Поучно е да видиме како влијателните архитекти гледаат на она што се гради кај нас
По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кој уништи 80 проценти од градот, Скопје - главниот град на Македонија, стана симбол за меѓународната солидарност (помош за обнова пристигна од 82 земји), навестувајќи ја ерата на херојска модерна архитектура и урбанизам. Тоа, исто така, ја навести и глобализацијата кога првпат и Истокот и Западот ги здружија силите за да ја придвижат реконструкцијата на градот.
Новиот урбанистички план за Скопје беше осмислен од две компании за планирање, „Доксиадис“ од Атина и „Полисервис“ од Варашава, кои соработуваа со локалниот Институт за планирање и архитектура. Јапонскиот архитект Кензо Танге и Словенецот Едвард Равникар победија на меѓународниот конкурс за градскиот центар и беше направен Деталниот урбанистички план, познатиот „Варијација IX“. Извлекувајќи се од катастрофата, Скопје ја искористи можноста за се етаблира како модерен град.
Во 2006 година Скопје доби уште една можност за меѓународно препознавање, со предлогот да се изгради меморијална куќа за Мајка Тереза, иницијатива поддржана и од Ватикан и од следбениците на нејзиниот ред, како и од македонската влада и од јавноста. Родена како Агнеса Гонџа Бојаџиу во Скопје во 1910 година, Мајка Тереза живееше во градот до својата 18-та година пред да им се приклучи на Сестрите Лорето и да ја почне својата позната хуманитарна мисија.
Министерството за култура распиша меѓународен конкурс за проектот, на кој победи португалскиот архитект Жорге Марум. Меѓутоа, властите и иницијативниот комитет бизарно одлучија да го игнорираат мислењето на експертите и распишаа нов конкурс, избирајќи дизајн претходно подготвен од локалниот архитект Вангел Божиновски, познат по неговите архитектонски бајки и шизофренични креации.
За Скопје ова претставува загубена архитектонска можност, како и уште еден обесхрабрувачки пример за политичко мешање. Критичарите брзо реагираа на грозниот дизајн на Божиновски. „Градбата е дизајнирана многу површно со премногу стории што треба да ги раскаже, но без некоја суштинска порака да пренесе“, вели Ерих Рајт од Техничкиот универзитет во Виена. „Ако го немаше христијанскиот крст, градбата би можела да биде диско или казино“.
Марен Харнак, професор на универзитетот Хафенсити во Хамбург, забележува дека градбата „не го симболизира животот на Мајка Тереза и нејзиното откажување од материјалните добра“.
Објектот на Божиновски е како невкусно облечена личност, дотерана во гумени чизми, чипкани чорапи, здолниште и кошула од кинеска свила, сето тоа нагласено со накит и нешто што изгледа како кацига на космонаут. Има многу работи на едно место. Според кустосот на куќата, „ова е сонот на малата Тереза, да живее со нормално градско семејство“. Меѓутоа, тоа е многу невкусно, бидејќи „малата Тереза“ никогаш не сонувала за таков тривијален буржоаски живот посветен на материјални добра.
Ако објектот не беше дизајниран за да оддаде почит на една толку важна личност, можеби ќе помнеше со неговата ненавредлива комичност. Меѓутоа, како што излезе, објектот е многу навредлив. Тој навредува со неговата бизарна процедура на селекција, со неговата претенциозност, со својата ароганција и невкус. Но, најмногу од се' навредува со тоа што целосно ја игнорираше секоја архитектонска корелација со животот и делото на Мајка Тереза. Дали Скопје ќе добие уште една шанса? По ова, не заслужува. (Архитекчрал ривју)
|