Ејми никако да ја научи лекцијата

Британската соул- дива едноставно го живее животот како да е дел од лудите шеесетти - секс, дрога и рокенрол
Контроверзната британска соул-пејачка, која ги освои љубителите на добрата музика во целиот свет, дваесет и четиригодишната Ејми Вајнхаус, деновиве ја шокираше одново јавноста појавувајќи се во еден парк во Лондон, облечена во градник и кратки панталончиња преку кои добро можеше да се забележи нејзиното исушено тело, претворено во коски и кожа. Со тоа Вајнхаус уште еднаш ги потврди гласиштата за нејзината сериозно нарушена здравствена состојба, предизвика од бурниот живот што го води, исполнет со дрога и алкохол.
Ејми Џејди Вајнхаус е родена на 14 септември 1983 година во еврејско работничко семејство кое живее во Саутгејт, Лондон, каде што се негува љубовта кон џез-музиката. Таа уште од најрана возраст покажува специфичен однос кон музиката, а на десет години, заедно со својата пријателка Џулиет, основа своја група наречена „Слатко и кисело“. Поради големата музичка дарба, таа стана дел од престижното училиште „Silvia Young Theatre School“, од каде што беше избркана поради консумирање дрога и пирс на нос. Одењето на училиште го замени со активно создавање музика на првата гитара која ја добива како подарок на тринаесетгодишна возраст.
Оваа проблематична соул-дива, која се здоби со извонреден успех и светска слава, уште од своите рани години не само што отворено ги покажува своите афинитети кон музиката, туку и кон дрогата и бунтувањето. Овие стари навики и лошо одбрани животни сопатници - дрога и алкохол се дел од нејзиното секојдневје. По се' изгледа дека добивањето епитет музичка ѕвезда и пет награди „Греми“, за што многумина сонуваат, изгледа дека не и' помогнаа да се промени. Таа се' поблиску и почесто чекори по работ на животот, за кој блиските на Ејми велат дека виси на конец.
Контроверзниот приватен живот на девојката со волшебен глас постојано ги исполнува насловните страници на таблоидите со најразлични скандали. Во јавноста Ејми е позната по своето непредвидливо и насилно однесување кое е резултат на дрогата и алкохолот, кои ја уништуваат. Ејми е личност чија популарност и продаваност на албумот „Back to black“ (на amazon.com) го досегна врвот, а нејзиниот живот тоне кон дното. Нејзините фанови постојано смислуваат нешто ново со што се занимаваат. По бизарното гласање уште колку ќе живее, сега се занимаваат со обложувања на темите - дали ќе се појави на следниот свој настап и, се разбира, кога ќе се разведе. Но, таа постојано ги разочарува своите вистински фанови, кои ја сакаат поради нејзината музика, а не поради бројните скандали. Поради проблемите со зависноста, Ејми ги откажува веќе закажаните концерти, бидејќи не е во состојба да настапува. А, бројните примамливи понуди што ги добива, меѓу кои е и онаа да биде новата Бонд девојка, која ќе ја сними насловната песна за филмот „007“, се повлечени поради нејзиното однесување и лоша состојба. Девојката, која јавно и' кажа „не“ на рехабилитацијата, неколку пати присилно беше сместена во специјални центри со надеж дека ќе се опамети и барем за миг ќе стане присебна и свесна и ќе започне нов начин на живот, подалеку од она што ја уништува. Но, за жал, таа само по неколку дена излегува и повторно им се враќа на своите пороци. За драмата да биде уште поголема, честопати налетува на проблеми поради нејзиниот сопруг Блејк Филдер, кој моментно се наоѓа зад решетки и е причина плус за депресија, анорексија и голема количина дрога. Многу познати личности, колеги на Ејми, отворено говореа за нивните минати проблеми со зависноста, давајќи и' огромна поддршка и понуда за помош, но оваа дива едноставно ужива да го живее животот како да е дел од лудите шеесетти – секс, дрога и рокенрол поради што неколку пати заврши во затвор. Кога и дали контроверзната соул-пејачка ќе се промени на подобро останува да покаже времето, додека нејзините верни фанови може само да се надеваат дека таа промена навистина и ќе се случи. Во спротивно, прогнозите не се воопшто добри.
„Back to Black“
 Семејна фотографија (одлево): братот Алекс, мајката Џенис, маќеата Џејн, таткото Мич со тетката на Ејми Вајнхаус, Мелоди Абелсон
Во 2003 година Ејми Вајнхаус се појави на музичката сцена со својот деби-албум насловен како „Френк“, кој беше само најава за оваа талентирана девојка со одлични гласовни можности и дарба да напише убави текстови.
Три години подоцна, Ејми го издава својот втор албум „Back to black“ и претставува еден од најдобрите соул-албуми. Одличната комбинација на силен џез-вокал со искрени текстови во кои се истражува слатката мизерија на младоста, неуредноста, љубовта и загубата, направи младата Вајнхаус да влезе во музичката историја и да излезе како победник на наградите „Греми“.
„Back to black“ е албумот што се спротивставува на моменталниот РНБ-тренд со својата големина и смелост, стилски и содржински. Тој е под влијание на класиката на женските групи од 1960-тите, звуци кои се апдејтирани со хип-хоп разумност и претопени во нејзините вокални можности, притоа зачинети со современи текстови со силен сензибилитет.
Вајнхаус е навистина талентирана не само кога станува збор за пеење, туку и за пишување текстови и несомнено е дека поседува одличен слух и смисла за мелодија.
Нејзините текстови се одличен патоказ кој води од клиничка, па се' до романтична рехабилитација. Тие се однесуваат на врските од перспектива на возрасните, зрачат со искреност, директни се па и комплицирани како и сите ние.

Вајнхаус е благословена со својот дрзок и необичен вокал кој може да ги трансформира обичните чувства во моќни изјави. Можеби нејзиното срце е скршено, но ја употребува таа болка, ги извртува своите емоционални рани и ги претопува во албумот насловен „Back to black“.
Ејми лажно не создава убава слика за себе, таа силно го започнува албумот со првата песна во која едноставно пее за својот проблем со зависноста. Со помош на продуцентите Марк Ронсон и Салам Реми, „Rehab“ стана госпел-трага која врзува, се врежува во главата и тера на постојано потпевнување. Потоа најискрено продолжува со песната во која вели „знаеш дека не сум добра личност“, притоа извинувајќи се за својата неверност.
Песната насловена по името на албумот е срцекршачко музичко признание на Фил Спектор, каде што одекнуваат басот на тапаните, ритмиката на пијаното, ѕвоното, саксофонот и совршено усогласената хармонија. Додека, пак, песните како „Love is a losing game“ и „Tears dry on their own“ се преполни со каење без разлика што Вајнхаус одбива да заплови целосно во самосожалување. Ејми во „Back to black“ повеќе се посветува на самоодбрана, обидувајќи се да објасни зошто останала со истото момче кое ја претвори во она што е во моментов, или како ��о „Wake up alone“ во која објаснува зошто поради нејзините ексмомчиња секогаш се препотува.
Во последната песна „He can only hold her“, таа веќе почнува да пишува во трето лице, на овој начин докажувајќи дека, конечно, станува свесна, се претвора во објективен набљудувач кој е во можност да ги согледа своите лични проблеми онакви какви што се. Таа пее „тој се обидува да се помири со неа, бидејќи она што го носи во себе никогаш не умира“, а од ова можеме само да претпоставуваме дека Вајнхаус, конечно, ќе се соочи со своите проблеми и ќе продолжи натаму.
„Back to black“, според критиката, е освежувачки и зрел соул-албум, најдобар во последниве неколку години, а Ејми е одличен доказ кој укажува дека се' уште во музичката индустрија покрај силиконите и голотијата, талентот и оригиналноста постои и се почитува. |