Број 2775  сабота, 30 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Македонија

Радовишките села Тoпoлница и Бучим ќе се селат на нова локација

Селата ќе се повлечат пет км, покрај патот Штип-Радовиш-Струмица

Иван Бојаџиски


Штип - На селата Тополница и Бучим, Општина Радовиш, во кои живее население од турската етничка заедница им претстои преселба на нова локација. Кога ќе се завршат сите формалности, селата ќе „слезат“ пет километри подолу од сегашнава своја локација, односно ќе се градат покрај патот Штип-Радовиш-Струмица. Големата операција за преселба на Тополница и на Бучим, која е резултат на еколошки лошите и небезбедни услови во кои денес опстојуваат 1.360 жители, е поддржана и од Република Турција со 12 милиони долари.

Усеин Усеинов, претседател на Месната заедница на Тополница, вели дека речиси три децении овие села се загрозени од јаловината на рудникот „Бучим“. Посебен страв постои кај 800 жители на Тополница поради близината на јаловиштето на рудникот „Бучим“.

„Круната на јаловиштето е на педесет метри од последната куќа во селото. Ако тоа не дај боже попушти, како што тоа се случи август 2003 година со јаловиштето на рудникот ’Саса‘, тогаш цела Тополница ќе се најде длабоко под јаловината што ја произведува ’Бучим‘“, ни рече Усеинов.

Откако се изгради рудникот за бакар, ова село живее во исклучително загадена животна средина. Од старото јаловиште, кога дува ветер, белиот прав ги покрива куќите и дворовите на Тополница. По тесното корито на малата река – поток, која минува сретсело, наместо вода тече бела течност. Тоа е посебно тежок проблем за тополничани, бидејќи овде се живее од земјоделство и сточарство, а стоката нема каде да пие квалитетна вода. Селаните се жалат на болести на дишните патишта кај децата. Иста била состојбата и во селото „Бучим“.

„Најмногу ни е страв за здравјето на нашите најмлади. Во име на нивната иднина сите одговорни во државава мора да не' поддржат во идејата за преселба на селата“, вели учителот Енвер.

Во Општина Радовиш барањето за преселба на овие села се' уште не стигнало до Советот. Градоначалникот Роберт Велков вели дека не требало да се сели селото, туку на просторот покрај патот да се оформат нови локации, но за сосема друга намена.

„Многу млади од Тополница, Бучим и од други околни села се на работа во западните земји. Имаме идеја да им обезбедиме локации на нашите гастарбајтери за да можат да градат стопански капацитети кога ќе се вратат. Не сум слушнал дека имало барање за преселба на цели села!“, изјави Велков.

И додека локалната радовишка власт нема поим за овој голем случај, идејата за преселба на Тополница е поддржана и од менаџерскиот тим на рудникот „Бучим“.

„За да им помогнеме на луѓето, издвоивме 6.000 евра и го плативме урбанистичкиот проект кој е готов. Сега се' е во рацете на општинската и на државната власт. Лично мислам дека во случајот со Тополница повеќе се работи за психолошки притисок отколку за реален проблем. Секако дека не е едноставно да живеете веднаш под јаловиште во кое е складирана јаловина од 120 милиони тони. Но, гарантираме дека сигурноста е врвна, бидејќи јаловиштето е градено според сите стандарди. Во условите во кои опстојува селото, сите треба да помогнат во неговата дислокација. За селото Бучим досега не е разговарано и не ми е позната идејата за негова преселба“, вели Николајчо Николов, заменик-генерален директор на „Бучим“.

Турската држава, според Усеинов, обезбедила пари за изградба на нови куќи на новата локација и тоа за двете села.

„Тополница и Бучим имаат околу 200 куќи. Нивните нови живеалишта ќе бидат изградени со донација од Турција. Обврска на селаните ќе биде секој сам да ја урне својата куќа на сегашната локација и тој простор да го отстапи на државата или на општината“, потенцира Усеинов.

 


Статијата е прочитана 607 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Македонија
Здравствените работници ќе се плаќаат според услугите
Фестивалот на пивото го наполни Прилеп со туристи