ТЕЦ „Неготино“ може да се храни и на јаглен
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Доколку ТЕЦ „Неготино“ почне да работи на јаглен место на мазут, како што работеше досега, можно е производителите на грозје незадоволни од состојбите да се преориентираат во рудари. Ова беше истакнато вчера на советувањето на Здружението на енергетичарите, кое се одржа во Неготино на тема „Можности за искористување на јагленови наоѓалишта во Неготино и Мариово со јамска експлоатација“.
„Знаеме дека во Неготино постои потенцијално лежиште на јаглен за кое претходно се имаат извршено неколку анализи, и доколку постојаната енергетска единица се пренамени, односно се преориентира за согорување јаглен од ова лежиште, а тоа ��о дозволува постојната опрема во ТЕЦ „Неготино“, ваквиот зафат може да се реализира. Сепак, треба да потенцираме дека има релативно голем обем зафати и е потребна изработка на физибилити-студија со анализа на сите параметри што би влијаеле врз конечната оцена за реализација на еден ваков проект“, рече Гоце Василевски од Рударскиот институт во Скопје.
Потпретседателот на ЗЕМАК, Зоран Божинкочев, рече дека јагленовите наоѓалишта во земјава можат да обезбедат континуирана работа на електраните во државата за следните дваесетина години.
„Имаме големо рудно богатство близу 400 милиони тони јаглен, од кои 250 милиони тони се експоатабилни. По десетина години, конечно, можеме да се пофалиме дека овие јаглени ќе ги искористиме во смисла на производство на електрична енергија, а во Неготино токму пред десетина години расправавме дека со физибилити-студијата се констатитра дека овде има близу 50 милиони тони експлоатабилни резерви на јаглен што овозможува услови да се изгради една термоелектрана од 210 мегавати, но и актуелна е постојната, која може да се реконструира од мазут во јаглен и да биде од голема корист за земјава“, истакна Божинкочев. |