Распределени 60 стана за млади во Лисиче
Министерството за транспорт и врски вчера по електронски пат распредели 60 стана за млади брачни парови и за самохрани родители. За становите лоцирани во населбата Лисиче, општина Аеродром, беа пристигнати 208 апликации,од кои валидни се само 120. Кај останатите, според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, имало пропусти во документацијата.
Просечната цена на становите е 750 евра за квадратен метар. Бодувањето се изврши врз основа на понудениот процент на учество во вкупната цена на станот, должината на брачниот статус и бројот на деца за младите брачни двојки, а за самохраните родители и периодот во кој родителот е самохран. Становите не смее да се продаваат во наредните пет години, бидејќи се субвенционирани од страна на државата, а истовремено се и со пониска цена од пазарната.
Граѓаните кои добија станови со решение издадено од Министерството за транспорт веднаш ќе можат да склучат купопродажен договор со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Оние, пак, што не добија стан министерот за транспорт ги повика да конкурираат за комерцијалните станови што ги гради државата, а кои имаат иста цена како становите за млади брачни парови. Конкурсот за тие станови веќе е во тек, а тие ќе бидат готови идната година. (С.Р.) |