Реконструирана улицата „Првомајска“ до Драчево
Обновен е потегот од ОХИС до Драчево во должина од 2,5 километри
Градот Скопје ја реконструираше улицата „Првомајска“ во должина од 2,5 километри, на потегот од ОХИС до Драчево. Реконструираната улица вчера во употреба ја пуштија градоначалниците на Скопје и на Кисела Вода, Коце Трајановски и Марјан Ѓорчев. П�� реконструкцијата, широчината на коловозот во целата должина е седум метри, по 3,5 метри во двете ленти. За обновувањето на делницата се потрошени 3.000 тони асфалт.
Истовремено е проширен и заштитниот појас покрај сообраќајницата, од каде што се исчистени градежниот шут и дивата вегетација. На половина од улицата нема осветлување, кое дополнително ќе се поставува, а во иднина ќе се решава и проблемот со одведувањето на атмосферските води. За реконструкцијата и за бележењето Градот плати 20 милиона денари.
„’Првомајска’ е една од најфреквентните улици во Кисела Вода, која е врска за Драчево, Студеничани, Зелениково и сите места кои гравитираат во тој дел. Коловозот беше многу оштетен, а на некои делови и потесен од дозволеното. Реконструкцијата на улицата ќе продолжи и на потегот од ОХИС до ’Усје‘, кој, исто така, е во лоша состојба“, рече Трајановски.
Тој потенцираше дека според Генералниот план, „Првомајска“ треба да биде булевар на целиот потег од рампа во Кисела Вода до Драчево. Планот ќе се реализира етапно, а за дел од делницата која претставува регионален пат, ќе се побара и пом��ш од Владата.
„Реализацијата на целиот булевар ’Првомајска‘ би чинела околу 8 милиони евра. Во моментов во тек е подготовка на проектот, по што ќе размислуваме за финансиите. Доколку добиеме помош од Владата реализацијата може брзо да се очекува“, нагласи Трајановски. (С.Н.) |