Потрага
Се бара нова ѕвезда под дрво и камен
Музичката продукција „М-2“ во соработка со „Т-мобиле“ стартува нов циклус на „Потрага по ѕвезда“. „Нашето досегашно повеќегодишно искуство од реализирање на овој оригинален, автентичен и чисто македонски производ е повеќе од позитивно, затоа решивме да го организираме повторно и оваа година“, изјави Иво Јанковски, прв човек на „М-2“ на вчерашната прес-конференција во кафулето „Експериенс“.
Јанковски потсети дека во досегашните аудиции на „М-2“ продефилирале 12.000 момчиња и девојчиња од кои денеска голем дел се популарни пејачи. „Наши најголеми ѕвезди се Елена Ристеска и Ламбе Алабаковски, кои според сите показатели се најпопуларни македонски ѕвезди“, констатира Јанковски.
„Потрага по ѕвезда“ е поддржана и од „Т-мобиле“. „На ова не гледаме само како проект и потрага по ново име, туку повеќе како можност за остварување на сонот на некој млад човек да стане ѕвезда на нашата музичка естрада“, додаде Жарко Луковски, извршен директор на компанијата.
Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани кои имаат талент за музика да се пријават и да учествуваат на аудициите со испраќање на СМС на бројот 070 142-515. Не постои старосна граница, а добредојдени се сите. „Жанрот на песните не е битен. Ги повикувам сите и им посакувам да немаат трема“, додаде продуцентот Дарко Димитров, кој е дел и од жирито.
Аудициите ќе се одвиваат по следниов редослед: Охрид (26.11.), Скопје (27.11.), Битола (28.11.), Струмица (3.12.), Штип (4.12.) и Тетово (5.12.). Целиот процес ќе го снима „Томато продукција“, а ќе се емитува на ТВ Сител.
Финалната вечер ќе се одржи на 27 јануари 2011 година во Универзална сала во Скопје, а на неа ќе учествуваат 10 кандидати кои ќе пеат композиции на Дарко Димитров. Победникот на „Потрага по ѕвезда“ ќе потпише договор со „М-2“, ќе сними албум и видеоспотови. (К.Ш.) |