Скопје ќе добие три нови театри
Освен новиот МНТ, кој треба да никне на левата страна на Вардар, ќе бидат изградени уште два нови театри на просторот на Драмски и на театар Центар
Лилјана Митевска
Покрај градбата на новата зграда на Македонскиот народен театар која го носи ликот на стариот скопски театар, и треба да изникне спроти градскиот плоштад, на левата страна на Вардар, во Скопје ќе бидат изградени уште две нови театарски згради. Едната е зградата на Драмскиот театар, кој ќе биде срушен, а на негово место ќе биде изграден нов, современ театар за потребите на оваа театарска куќа, додека вториот театар ќе биде лоциран на местото на сегашниот театар Центар.
Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, вели дека ансамблот на МНТ, по изградбата на новиот објект на Вардар, ќе се пресели на оваа локација, а новиот театар кој ќе никне на просторот на театар Центар (објектот во кој сега работи МНТ) ќе биде сосем нова театарска институција која нема да биде користена како алтернативна, или втора сцена на МНТ.
Зградата на новиот МНТ, која се гради на левиот брег на Вардар е дел од проектот капитални објекти во културата кои се финансираат директно од буџетот на Владата, додека новите два театра лоцирани на местото на Драмски и на театар Центар ќе бидат изградени по принципот на јавно-приватно партнерство.
Овој принцип подразбира вклучување на приватна фирма која ќе биде носител на изградбата на објектот, во кој покрај театарот, ќе бидат вклучени и одреден број на деловни простории. Целта е, како што вели директорот на Драмски, Бранко Ѓорчев, за градбата на театарот да не се трошат пари од државниот буџет, туку градежната фирма за возврат да добие деловен простор на истата локација.
Поточно, како што стои во заклучокот на седница на Владата, на просторот на постоечкиот Драмски театар треба „да се изгради нов објект - деловен центар, со јавно-приватно партнерство, а дел во него, односно првите 2-3 ката да бидат наменети за Драмски театар“. Ист принцип се применува и за МНТ Центар.
„Министерството за култура ќе преземе обврска во текот на месец септември да објави конкурс за идејно решение за двата театри, а потоа постапката е во надлежност на Министерството за транспорт �� врски“, вели Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска. Таа појаснува дека во моментов се одржуваат интензивни средби со Министерството за транспорт и врски во врска со реализацијата на ова јавно-приватно партнерство, а во најскоро време треба да се формира и работна група, во која ќе бидат вклучени и директорите на МНТ и на Драмски за да се изготви проектната програма за театрите. „Министерството за култура е обврзано да дојде до главниот проект, а потоа обврските преминуваат во рацете на Министерството за транспорт и врски“, вели Министерката Милевска.
Директорот на Драмски, Бранко Ѓорчев, вели дека оваа куќа веќе работи на проектната програма, односно на дефинирање на потребите на театарот и неговиот изглед. Кога станува збор за проблемот кој настанува со фактот дека постојната зграда на Драмски треба да биде срушена за да на истата локација се дигне новиот објект, па дејноста на театарот може да биде попречена, директорот Ѓорчев објаснува дека проблемот ќе се реши на тој начин што за време на градбата на театарот ќе биде изнајден друг сценски простор. „Дејноста на Драмски би се префрлила во новиот простор со цел продукцијата на театарот во ниеден момент да не застане“, вели Ѓорчев.
Сепак, тој не беше во можност да прецизира која би можела да биде алтернативната локација, велејќи дека во соработка со Владата ќе се одбере најдобрата. Но, еден од проблемите на Скопје, врзан дури и со развојот на алтернативната сцена, е токму непостоењето на додатни сценски простори, покрај веќе дотраените сцени во професионалните театри, во кој би можела да се реализира драмска програма, особено не со висок професионален стандард.
Инаку, кога станува збор за принципот на јавно-приватно партнерство, овој модел на финансирање кога објекти во културата би можеле да се градат со посредство на приватен капитал, во минатото го заговараше и поранешниот министер за култура, Благоја Стефановски, во случајот со градбата на Велешкиот театар. Сепак, по смената на политичката гарнитура, овој модел беше напуштен, а се протежираше моделот за градба на културни зданија со директно финансирање од државниот буџет. Еден од аргументите беше и реалното стравување дека бизнис интересите никогаш не одат во прилог на културата. Со повторно оживување на идејата за овој принцип на финансирање, останува да се види дали културата сепак нема да биде проголтана од апетитите на бизнис-заедницата чие основно мото е профит по секоја цена. Можби и по цена на стандардите за еден театарски објект?
|