Што му понудила Бакојани на Милошоски?
Димитар Чулев
Ништо помалку од познатата црвена линија не му понудила Дора Бакојани на македонскиот колега Антонио Милошоски во септември минатата година, „приказна“ што ја објави атински „Етнос“. Име со географска определница со што би се избегнала сегашната различност во обраќањето на Македонија и кое ќе биде прифатено од народот кој, пак, по аналогија, исто така, би добил ново име, понудила ексминистерката на тет-а-тет средбата, велат во македонското МНР. Тоа, со други зборови, е барање за ерга омнес и за промена на идентитетот. Понудата јазикот да се нарекува македонски, но во кирилична транскрипција, не е друго освен барање за промена на неговото име, објаснија во МНР за „Утрински“.
Дора Бакојани жестоко реагираше во неделата по наводите во атинскиот весник „Етнос“ дека во својство на министер за надворешни таа била против промена на македонскиот Устав и воопшто не ја споменала ерга омнес употреба на новото име. „Госпоѓата министерка додаде дека согласноста за името не значи промена на националниот идентитет, ако се согласат од Скопје, на оваа основа можеме да најдеме решение, во спротивно - можеме и да почекаме“, пишува во еден дел од записникот од средбата, доверлив документ што протече од грчкото МНР, а го објави „Етнос“. Бакојани побарала единствено новото име да се користи и да биде прифатено од граѓаните.
„Владата на ПАСОК, во време додека се лизга во паралелната тајна дипломатија со Скопје, се обидува да го пренасочи јавното мислење преку канализираните клеветнички напади преку медиумите, кои сето ова време, во договор со неа, ја напаѓаат г-ѓа Бакојани“, изјави ексминистерката само неколку часа по објавувањето на текстот. Бакојани уште додава дека „денес грчката надворешната политика може да ги брани ефикасно националните интереси наспроти Скопје, затоа што од 2007 година Нова демократија зацрта една јасна политика за прашањето на името која се заснова на сложено име со географска одредница кон сите. Тоа е црвената линија и таа го донесе единствениот позитивен резултат на Самитот на НАТО во Букурешт... Оваа политика строго беше следена во сите фази на преговорите и на сите нивоа“.
Со посебно соопштение реагираше и нејзината партија, Нова демократија, која се огради од „коментирање“ на објавеното, но во кое се истакнува дека „ниту една грчка влада не ќе можеше - и нема да може - да го прифати постоењето на т.н. македонска нација, јазик или идентитет. Како што, исто така, е јасно дека инсистираме на едно име, без исклучок, за сите употреби. Впрочем, тоа беше и духот на ветото на владата на Караманлис во Букурешт“. Портпаролот на владата на ПАСОК, Пет��лотис, и' порача на Бакојани да ги бара непријателите на друго место, а не во владата и дека за националните прашања не играат партиските игри.
Во македонското МНР се оградија од каков било коментар на конфронтацијата која дојде еден ден пред Министерскиот самит во Брисел, и која, според нив, имала внатрешнополитичка употребна вредност. |