Број 2931  понеделник, 09 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Економија

АИГ - буре без дно?

Рекордна загуба и нова државна помош за осигурителниот концерн „Американ интернешенел груп“

 

„Американ интернешенел груп“, водечки осигурителен концерн во светот, влегува во историјата и по неславен рекорд: за 2008 година пријави загуба од 100 милијарди долари, од кои 62 милијарди само во последниот квартал, што е рекорд за едно претпријатие. Американската влада беше принудена веќе по четврти пат финансиски да му помогне на АИГ за да се спречи домино-ефект во меѓународниот финансиски систем. Помошта овој пат изнесува 30 милијарди долари. Државата досега вкупно за спасување на концернот намени 180 милијарди. Едвард Лиди, кој лани во септември од страна на министерот за финансии беше назначен за шеф на АИГ, се обиде да даде образложение: „Не го спасуваме само АИГ - со тоа што ќе го обезбедиме опстанокот на АИГ ги штитиме нашите клиенти, се трудиме да не дозволиме тешката економска состојба да стане уште полоша“, рече Лиди за телевизијата Ен-Би-Си.

Американ интернешенел груп дејствува во повеќе од сто земји во светот, 74 милиони клиенти имаат склучено осигурување кај тој концерн. Меѓу нив се и повеќе германски општини, кои дел од својата инфраструктура им ја продале на американски инвеститори за веднаш потоа од нив да ја земат под наем. Таквиот бизнис, кој на обете страни им носи добивка преку даночни олеснувања, осигуран е кај АИГ. Многумина американски клиенти, како и германските општини, стравуваат од повисоки трошоци за склучување нови договори доколку АИГ пропадне. Поради тоа, американската влада сака безусловно да го спаси концернот, а и други се на исто мислење. На пример, германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик, кој лани во ноември предупреди дека голема грешка било тоа што било дозволено да банкротира банката Лиман брадерс.

„Најдраматичен случај што го имав пред очи, кој веројатно тешко би не' погодил и нас во Европа, беше АИГ. Тоа би имало уште подалекусежни последици во споредба со Лиман брадерс“, рече тогаш Штајнбрик.

Оттогаш состојбата во „Американ интернешенел груп“ драматично се влоши. Јадрото на бизнисот, осигурувањето од сите видови, е здраво. Но, целото претпријатие беше разнишано од одделот за финансиски услужни дејности. Тоа осигурувало финансиски продукти составени од дубиозни хипотекарни кредити.

Владата на претседателот Барак Обама очигледно стравува од катастрофални последици за севкупното стопанство на државата ако пропадне АИГ, па постојано наменува милијарди за него. Џозеф Штиглиц, добитник на Нобеловата награда за економија, смета дека е подобро парите да се наменат за директна помош на засегнатите од евентуалното пропаѓање на АИГ, наместо со нив да се одржува во живот концерн кој можеби воопшто не е способен да опстане во сегашната ситуација на пазарот. „Сакаат ли американските даночни обврзници да ги спасат странските инвестиции? Можно е да се загрозени пензиските фондови. Некои ќе го преживеат тоа, други ќе имаат потреба од помош од државата. Но, тогаш директно таму да ги насочиме даночните пари, а не за намерата што ја следиме со АИГ“, вели Штиглиц. (Дојче веле)

 


Статијата е прочитана 748 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Економија
Секој секому должи, не е подобра ни државата
Србите ги подигаат заштедите од банките
Фармерите бараат помош од меѓународната заедница
Продаден „Олимпик ерлајнс“
Секој ден пропаѓаат по 18 стопанства