Црквата „Свети Никола“ без камбанарија и без крстилница
Изградбата на двата придружни објекта стои в место со години, бидејќи нема пари
Снежана Калабакова
Веста што проструи дека за христијанскиот празник Свети Никола ќе има групни венчавки во истоимената црква во населбата Скопје-Север ги израдува граѓаните. Но, одново ја актуелизира и дискусијата за изградба на крстилница за да може во храмот да се прават и крштевки. Изградбата на крстилницата и камбанаријата со години стои в место и никој точно не знае да каже има или нема проекти за објектите. Единствено е јасно само дека нема пари.
Пропаднаа надежите дека објектите ќе почнат да се градат од април годинава, како што најавуваа општинарите и црковните лица. Црквата доби само помошни простории за свештениците, но не и крстилница и камбанарија. Изградбата на овој храм започна 1995 година и по повеќе од 15 години не се завршени ниту двата важни придружни објекта, ниту, пак, фрескописите во внатрешноста.
За довршување на објектот најпрвин Скопската епархија издвои 100 илјади евра. Парите беа наменети за да се доизгради внатрешноста, црквеното кубе, олтарот, мермерниот под и другите придружни внатрешни и надворешни делови и инсталации. Имаше и неколку приватни донации, па црковниот објект се опреми колку да може да ги прима своите верници, кои веќе четири години го посетуваат. Општината Бутел изгради и паркинг-простор пред црквата со површина од 1.000 квадратни метри.
Градоначалникот Петре Латиновски уште како градоначалнички кандидат им вети на граѓаните дека лично ќе се заложи објектот да се доизгради и вети дека и самиот ќе донира средства. Досега не дал пари, но и тврди дека си стои на зборот оти ќе донира. Според него, кочница за изградба на камбанаријата и крстилницата биле некои црковни канони. Но, од МПЦ демантираат и тврдат дека никакви канони не се пречка, туку дека фалат само пари.
„Лично ќе донирам средства за црквата ’Свети Никола‘, јас како градоначалник на Општина Бутел и ние како семејство Латиновци. Но, МПЦ треба да подготви проект за камбанаријата и крстилницата, а не општината. Постојат строги црковни канони како треба да изгледаат овие објекти. Откако МПЦ ќе подготви проекти, објектите ќе може да се градат“, вели градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски.
Прота Коста Станоевски, секретар на МПЦ, вели дека за да се изготват проекти, потребни се пари. Ако некој ги обезбеди, МПЦ ќе ги изработи проектите за камбанаријата и за крстилницата на црквата ’Свети Никола‘ во Скопје-Север. Но, архитектите што ќе го сработат тоа, треба и да се платат“, вели Станоевски.
Сепак, дали главна пречка се проектите или реално проблемот лежи во парите, допрва ќе се открива. Дотолку повеќе што по се' изгледа дека постојат готови проекти за крстилницата и за камбанаријата.
„Единствена пречка зошто сега не може да почне изградбата е незавршената постапка за откуп на црковниот двор од државата. Проекти има и за двата објекта, има и одредена сума пари, а има и верници што сакат да донираат, но нема доволно пари за да се откупат 2.000 квадрати двор, за што се потребни шест милиони денари“, објасни Јован Трпковски, старешина во црквата „Свети Никола“. |