Големи пофалби за Есма Реџепова на концертот во Лондон
Секој Македонец во Лондон беше дојден за да ја види и да ја слушне Есма
„Кралицата на ромската музика Есма Реџепова успеа да создаде спектакуларно, а во исто време и интимно шоу“, пишува лондонски „Индепендент“ во својата рецензија за солистичкиот концерт на Реџепова во клубот „Булевар“ во Лондон, одржан во чест на 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија.
Давајќи и' дури четири ѕвездички, од максимално можни пет, за настапот и за целиот концерт, авторот Тим Каминг, инаку добар познавач на ромскиот мелос и на балканската музика и почитувач на Реџепова, вели дека нејзината интерпретација на македонската народна песна „Зајди, зајди“ „можеби изгледа театрално и ритуално, но во секој случај оние што ја слушаат чувствуваат морници по грбот и по целото тело“.
„Македонското присуство во Велика Британија не е ниту приближно големо како она на Полјаците, но на својот национален празник изгледаше како секој Македонец во Лондон да беше дојден за да ја види и да ја слушне најпознатата и најславна пејачка Есма Реџепова“, констатира „Индепендент“. (МИА)
|