„Во дилема“ - нов албум на Бојана Атанасовска
Новиот музички материјал на Бојана е авторско дело на Роберт Билбилов
„Во дилема“, неофицијално, е насловот на новиот албум на поп-пејачката Бојана Атанасовска, кој ќе се појави на музичкиот пазар кон крајот на месецов. Цедето е комплетно завршено и се наоѓа во фаза на печатење, а неговата промоција се очекува на 25 септември во хотелот „Александар палас“.
Новиот музички материјал на Бојана е авторско дело на Роберт Билбилов (музика, аранжман и продукција), а како автори на текстови се јавуваат Сања Николиќ и Анета Качуркова, додека еден од нив е дело и на самата Бојана. Извршен продуцент на цедето, кое ќе се продава по цена од 100 денари, е „Премиер продукција“.
Во меѓувреме, Бојана продолжува со своите настапи низ земјава, а како најава за албумот се' почесто на радиостаниците може да се слушне песната „Нема јас да сфатам“, за која е снимен и видеоспот под режисерската палка на Александар Ристовски-Принц. |