Внатрешна контрола ќе го разгледува инцидентот кај „Лептокарија“
Скандалозните снимки од мобилен телефон за инцидентот во Трговскиот центар „Лептокарија“ во Скопје, каде што сообраќајни полицајци удираат и туркаат момче, ќе бидат разгледани од страна на надлежните во МВР. Внатрешна контрола ќе испитува дали сообраќајните полицајци употребиле прекумерна употреба на сила и кој го предизвикал инцидентот. Скопјанецот, пак, ќе заработи неколку прекршочни пријави, затоа што, според МВР, возел во алкохолизирана состојба, ја загрозил безбедноста во сообраќајот и се однесувал несоодветно спрема службените лица. Телевизија Канал 5 завчера објави снимка од случаен минувач кој со мобилен телефон ја регистрирал расправијата меѓу момчето и полицајците. Како што објави скопската телевизија, полицајците десетина минути го тепале скопјанецот со тупаници, по што го привеле во станица. Во автомобилот паркиран во близина имало и девојка која во еден момент, наводно, излегла од возилото и почнала да вика по полицајците да престанат да го тепаат момчето.
Од МВР објаснуваат дека станува збор за инцидент што се случил викендов, во 2,30 часот, кога триесет и двегодишен скопјанец, кој возел во алкохолизирана состојба, се качил на тротоарот и удрил во бетонско столпче на улицата „Партизанска“, во непосредна близина на „Лептокарија“.
„По ударот, тој почнал да се расправа со девојката која била со него во автомобилот. Сообраќајната полиција дошла на местото на инцидентот по пријава на граѓани и се обидела да го внесе во возилото откако забележала дека е во алкохолизирана состојба. Но, тој го напуштил автомобилот и почнал да трча и да вика по улицата, по што полицајците го совладале и ги викнале своите колеги од полициската станица во Карпош“, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Против скопјанецот ќе биде поднесена прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, но и пријави затоа што возел во алкохолизирана состојба, но и поради можноста за предизвикување општа опасност во сообраќајот.
„Од страна на Внатрешна контрола ќе се разгледаат снимките и ќе се разговара со полицајците за евентуална прекумерна употреба на сила. Од страна на приведеното лице нема никаква пријава ниту претставка за однесувањето на полицајците“, вели Котевски. (Д.Т.) |