ЕДИТОРИЈАЛ
„Павилјонот број 6“ на МНР
Тамара Грнчароска
Прославивме полнолетство како држава, ама дипломатијата уште ни е во трето одделение, второ полугодие. Без јасна стратегија што сакаме и на кој начин да се етаблираме на меѓународен план, со ад хок потези и одлуки за кои дома се делат ловорики, а надвор големи минуси, со невидливи амбасадори кои својот мандат го сфаќаат како годишен одмор со платен полн пансион, со парадна администрација позабележлива на улица „Македонија“ во центарот на Скопје, отколку по водењето на надворешната политика, македонската дипломатија сите овие години не успеа да се етаблира како здрав и силен инструмент на државната и на националната политика. Таа многу повеќе е лост на партиските штабови и нивните интереси и планови.
Ниту една власт досега не беше имуна на партиските влијанија во дипломатијата, најмногу преку именувањето свои истакнати членови за амбасадори, но врвот на невкусот македонската дипломатија го доживува сега кога партиското влијание, но и непотизмот, се симнаа до најниските ешалони во Министерството за надворешни работи. Професионализацијата на дипломатијата и почитувањето на минимум стандарди за неа, конечно, се закопани два метра под земја.
Ако порано се вчудоневидувавме кога за амбасадори беа именувани директори на јавни претпријатија, уметници, професори, но и партиски послушници, кои немаа ни „д“ од дипломатија и се срамевме од информациите дека македонски амбасадор возел во пијана состојба, не познавал странски јазик или се степал, сега може да почнеме да се крстиме и за кадровските решенија на луѓето кои се испраќаат во амбасадите како административци. Почетници кои во Министерството „одработиле“ едвај две-три години, на кои во нормални држави по толку работно искуство не би им дале „ни овци да чуваат“, кај нас се испраќаат како засилување во дипломатско-конзуларните претставништва, каде што пости огромна потреба од кадар, но искусен.
Ако порано испразнети амбасадорски места имавме поради неусогласени кандидатски листи меѓу Министерството т.е. Владата и претседателот, поради нивната различна политичка обоеност, сега кадровските решенија за амбасадори без проблем се усогласуваат - не во МНР, не во Владата или кај претседателот на државата, туку во штабот на владејачката партија.
Ако денес веќе не е спорно именувањето на обични собраниски службеници за амбасадори, тогаш станува спорно нивното неиспраќање на функцијата поради немање средства во државната каса, додека истовремено во амбасадите со дискреционо право на министерот се испраќаат „деца“ на испомош. За нив нема финансиска криза. Па, додека амбасадите во НАТО и во Атина ќе чекаат уште два-три месеци да им стигне амбасадорот, а Тирана и Анкара ќе чекаат барем до јануари, македонските дипломатски претставништва нема да мора да се грижат за тоа дали имаат нови луѓе, кои ќе му помагаат на амбасадорот. Тие веќе ќе бидат таму. По неколку такви „крукчиња“ од по неколку месеци, можеби и тие ќе станат амбасадори или барем советници во амбасадите.
Истовремено дипломати со повеќегодишно искуство и амбасадори од кариера чмаат во земјава, неискористени и заборавени од своите претпоставени во „Павилјонот број 6“ на МНР.
И додека јавноста ги слушна објасувањата на власта дека нема пари за амбасадорите, на мала врата во МНР се протнуваат педесетина нови вработувања. Но, и тие не биле нови, туку преку агенциите за привремено вработување таму се вдомиле пред една-две години, а сега само треба да им се регулира статусот. Пред една-две години слушавме објаснувања дека не се зголемува бројот на администрацијата со нови вработувања, вклучително и во МНР, а со тоа и побарувањата од буџетот за одржување на државната администрација, туку дека станува збор за привремени вработувања, за денес целата приказна да се сврти наопаку. Привремено вработените во МНР станаа трајно вработени, а трошоците во буџетот за нив се веќе вкалкулирани. Чисто како солза... Неопходните млади кадри вработени по партиска директива во МНР немаат време за чекање, ама македонската дипломатија и надворешна политика можат, барем додека не заврши и второто полугодие. |