Број 3343  вторник, 27 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Ќе пропадне ли и петтиот обид за продажба на загубарите?

Последниот тендер што требаше да заврши на 30 јули се пролонгира за два месеца

Маја Томиќ


Дали и последниот петти обид за продажба на државните претпријатија - загубари, ќе доживее фијаско, како и претходните? Деновиве јавноста очекуваше Владата да ги соопшти заинтересираните компании, кои ја подигнале тендерската документација, а кои, според неа, ги имаше. Но, место тоа, од Министерството за економија информираат дека тендерот е пролонгиран до 30 септември годинава. Односно, до тој датум ќе може да се подигнат тендерските документи за ЕМО и за прилепските „Еурокомпозит“ и Тутунски комбинат.

Во Економија потврдуваат дека имало интерес од странски компании, но засега не сакаат да ги обелоденат нивните имиња. И уште нагласуваат дека пролонгирањето на тендерскиот термин не е поради некакви забелешки од страна на компаниите околу тендерот, туку оти тоа е на барање на самите фирми. А причината била во кусиот тајминг, а сега било и време на годишни одмори.

Инаку, последниот тендер за загубарите Владата го распиша на крајот од мај и тој требаше да трае до 30 јули. За ОХИС, пак, за кој претходно беше одлучено да оди на посебен тендер, се' уште е неизвесен датумот на објавување на огласот. Според информациите од Економија, за десетина дена треба да бидат готови документите од ПИОМ за акциите на вработените. Треба да се завршат и документите од Министерството за животна средина, а кои се во врска со потребните еколошки стандарди. Потоа ќе се подготвел и објавел тендерот, велат од Економија.

Инаку, иако Владата не потврдуваше, неофицијално, до почетокот на јули, повеќе од еден месец по објавувањето на тендерот, немало ниту една странска компанија што подигнала тендерски документи за трите загубари. И покрај тоа, кај Владата имаше надеж дека до крајот на јули ќе се јави некоја сериозна компанија, затоа што, како што изјави неодамна за медиумите вицепремиерот Владимир Пешевски, биле спуштени критериумите за цената.

Имаше шпекулации дека консултантите што го подготвуваа тендерот сугерирале оти условот за задржување на сите вработени од загубарите во првите пет години од купувањето ќе го одврати интересот на компаниите. Но, Владата, сепак, не го смени овој критериум. Останува да се види дали ќе остане на тој став и по 30 септември, ако дотогаш ниту една фирма не подигне документација. Инаку, во трите комбинати има околу четири илјади вработени.

Инаку, Владата во почетокот од мај годинава ги прифати моделот и критериумите за продажба на загубарите, изработени од консултантите „Дилоит и Туш“ и „Бул брокерс“, за што лани им искешира 700 илјади евра. Целата постапка, од тендерот до конечната продажба, Владата планираше да биде завршена во рок од 12 месеци. За разлика од претходните тендери, фирмите сега одат на продажба исчистени од долговите, кои ги имаат натрупано кон државата, а што се во висина од околу 140 милиони евра.

Токму огромните долгови, покрај застарената технологија, се посочуваа како главна причина што овие компании досега не беа атрактивни за инвеститорите од странство. Од вкупниот долг кон државата најмногу, или околу 50 милиони евра, се долгови на ОХИС.

Во ЕМО државниот капитал изнесува 65 отсто, во ОХИС 80 проценти, а во Тутунски комбина�� од Прилеп близу 70 отсто. „Еурокомпозит“, пак, е во целосна државна сопственост.

Четирите загубари се последните фирми во државна сопственост, од вкупно 40 претпријатија - загубари од периодот од пред транзицијата, од кои само мал број се продадени и продолжија да работат, а поголемиот дел отидоа во стечај и во ликвидација. Прашањето на загубарите требаше да се реши до крајот на 2006 година, со што државата целосно ќе се ослободеше од товарот на нивните долгови кои постојано растеа, поради немањето работа и по основа на неплатени плати и придонеси.


#
Статијата е прочитана 1105 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Економија
Дискретниот шарм на невработеноста
Транспортен кошмар во Грција