Дискретниот шарм на невработеноста
Долги одмори, кратки работни недели, рано пензионирање: во САД Европејците се познати како алергични на работа
„Дали Европејците се мрзеливи? Или Американците се луди?“, ова е насловот на коментарите на Стивен Никел од Банката на Англија во 2006 година. Коментарот совршено ја резимира идејата дека Европејците, генерално, работат помалку отколку Американците, користат повеќе одмори и боледувања и порано се пензионираат.
За да дознаеме кој е навистина мрзелив или луд, прво треба да одговориме на едно прашање: зошто работиме? Економистот Торстен Веблен одговори на прашањето во 1899 година, во неговото класично и остро дело „Теорија на класата на безделничење“. Луѓето не работат само за да преживеат, туку и да го покажат нивниот социјален ранг дозволувајќи си „претерано трошење пари“ на производи отповарени со статусот, како што се облеката и куќите. Преовладувачко мислење на која било страна од океанот е дека Европа се откажа од таа ирационална трка: Европејците безделничат наоколу, додека Американците брзаат. Има многу статистички податоци со кои се поддржува ова мислење.
Според ОЕЦД, Американците работат во просек 25 часа неделно, наспроти малку над 17 часа колку што работат Белгијците, Французите и Италијанците. Холанѓаните, Италијанците и Германците одат двапати повеќе на одмор отколку Американците. Дури 43 отсто од Американците на возраст од 60 до 65 години се' уште работат, во споредба со само 12 отсто од Белгијците, Французите и Италијанците. Тоа поттикнува многу критики и исмејувања на која било страна од Атлантикот.
Фактот дека Европејците работат помалку не се должи на мрзеливоста, туку на доброволниот баланс, вели Ендру Моравчик, политички научник од Принстон и колумнист на „Њусвик“. Нивото на невработеност ги изместува податоците: САД имаат пониска невработеност отколку Европа во последните 10 години и помало неработно население. Затоа е логично дека просечниот Европеец треба да работи помалку часови.
Според Моравчик, Европејците се целосно способни да работат повеќе, но тие избираат да потрошат повеќе време на безделничење отколку да заработат пари. Економистите велат дека балансот станува подоминантен како што општеството станува побогато. Сепак, Американците се исклучок на тоа правило. Америка, продолжува тој, е единствената развиена, индустријализирана земја, во која работните часови се енормно зголемени.
Невработениот Европеец може да живее од колективна фантазија, но тој, всушност, е фиктивен лик. Истото важи за злобниот, демагошки имиџ за мрзеливата Јужна Европа, за што во последно време известуваа западните европски медиуми и естаблишментот. Со еден збор, западните Европејци ги обвинуваат јужните Европејци за истата работа за која Американците ги обвинуваат нив. Но, тоа е целосно неосновано: Шпанците, Италијанците и Португалците работат многу повеќе часови отколку Холанѓаните.
Проблемот во Јужна Европа не е активното население, туку големината на неактивното население. Во Европа, тврди Сајмон Тилфорд, главен економист на истражувачкиот Центар за европски реформи, многумина дозволуваат други да ја платат сметката за нив. На пример, барајќи во името на социјалната правда, рано пензионирање за кое тие не платиле придонеси. Тоа е апсу��д, вели тој. Во долгорочни рамки, продолжува Тилфорд, европскиот модел на размена на пари за слободно време е во опасност. Таа размена треба да биде прифатена од стабилен извор на економски развој, што е моментно отсутен. Европската продуктивност долго време беше во подем. Кога тоа постепено заврши, некои земји го финансираа нивниот развој со позајмување, а други со зголемување на извозот. Но, тие се начините на создавање развој на штета на другите, тоа не е реално решение за Европа.
Германскиот печат неодамна се фокусираше на група „вечно невработени“, кои со децении живеат од државата. Некои добиваат до 1.085 евра месечно, што е доволно за храна и сместување и се' уште оставаат нешто за забава или дури за краток одмор на Балтичкото крајбрежје. Последен пат Арно Дибел (54) имал работа пред 27 години. Секој месец тој добива чек од 359 евра, а државата, исто така, му плаќа станарина за двособниот стан во Хамбург. Според него, да се биде невработен, е само предност: тој не треба да следи ничии наредби, не е под стрес, не треба да станува рано. Тогаш, што прави тој во текот на денот? (Ек.Р.) |