Од Кјото до Копенхаген
Како до економија со зелена технологија
ЕУ останува внатрешно поделена по клучните прашања, меѓу нив и колку да им се исплати на земјите во развој за да ги ограничат емисиите и колку длабоко да се пресечат сопствените емисии
БРИСЕЛ - Ниту еден политички ентитет не притиснал толку силно да успее Конференцијата за климатските промени во Копенхаген како што тоа го направи Европската унија. Меѓутоа, само неколку дена пред отворањето на самитот спонзориран од ОН, Европејците во голема мера се ставени на страна, гледајќи како двата најголеми емитувачи на гасови со ефект на стаклена градина во светот, Кина и САД, се обидуваат да ги постават правилата на играта. „Тоа, секако, е несреќна околност за Копенхаген“, вели Џо Лајнен, германски член на Европскиот парламент, кој ја предводи делегацијата на Конференцијата што има цел да го наследи Протоколот од Кјото што наскоро ќе истече. „Тоа се претвора во еден вид пинг-понг натпревар меѓу Кина и САД, каде што тие само меѓусебно се гледаат“, вели тој.
Европејците велат дека отидоа многу подалеку отколку кој било друг во намерата за постигнување економија што емитува помалку јаглерод двооксид и таа би можела да претставува пример за остатокот од светот. Меѓутоа, капацитетот на Унијата да употреби глобално влијание преку напредните стандарди и морално лидерство, место преку статус на суперсила, се соочува со клучен тест. „Искрено, ЕУ нема политичка моќ да го одлучи исходот во Копенхаген“, вели Петер Хас, професор по политички науки на Универзитетот Масачусетс, Амхерст.
Европската унија има ставено многу работи на коцка во Копенхаген. Таа се соочува со голем притисок, додава Хас, „за да ги одржи во живот изгледите за постигнување глобален договор, па така европските бизнис-лидери и гласачи веруваат дека се на пат да ја преземат предноста на идните пазари за зелена технологија“.
Тоа ќе биде предизвик. ЕУ останува внатрешно поделена по клучните прашања, меѓу нив колку да им се исплати на земјите во развој за да ги ограничат емисиите и колку длабоко да се пресечат сопствените емисии. Европските преговарачи, исто така, честопати се во расправии со своите колеги од САД, што жестоко ја критикуваа правната обврзувачка структура создадена во Кјото како гломазна, неприменлива и закана за американскиот суверенитет.
Европската унија направи глобалната контрола на клима да биде клучна точка во нејзината геополитичка стратегија во 2001 година, кога претседателот Џорџ Буш изјави дека ќе дозволи Протоколот од Кјото да пропаѓа место да се обиде, наспроти невозможните изгледи, да обезбеди ратификација во американскиот Сенат.
Во главниот чекор кон таа цел ЕУ ја поддржа кандидатурата на Русија за приклучување на Светската трговска организација. Владимир Путин, како руски претседател, возврати со поддржување на Протоколот од Кјото, давајќи му доволно голема поддршка за да стапи во сила.
Соединетите Американски Држави го одбија Протоколот од Кјото поради брзорастечките економии на Кина и на Индија, кои би можеле да продолжат со развојот без да се соочат со ограничувања во однос на своите емисии. Меѓутоа, ЕУ, сепак, побрза понатаму, развивајќи сет од нови цели, субвенции и механизми за да го исполнат договорот, вклучувајќи и комплициран систем за ограничување на емисиите на јаглероден диоксид и трговијата со дозволи за емисии. Речиси преку ноќ лондонскиот финансиски пазар стана глобално средиште за трговија со дозволи за емисии на гасови со ефект на стаклена градина. Производителите на ветерници во Данска направија бум. Иновативните соларни индустрии се проширија и во Германија и во Шпанија.
Меѓутоа, најважниот работодавец во Унијата, комуналните услуги, автомобилската, челичната и хемиската индустрија, жестоко ги нападнаа важните аспекти на политиката врз основа на тоа дека ја загрозува индустриската конкурентност на Европа.
„Арчелор Митал“, гигант во производството на челик и „Ројал Дач Шел“, групацијата за нафта и гас, спаѓаат во оние компании што се заканија дека ќе ги забават инвестициите во 27-члената Унија доколку остатокот од индустријализираниот свет, а особено САД, не прифатат слични системи за ограничување на емисиите на јаглерод двооксид. Досега Нов Зеланд е единствена земја надвор од Европа што го претвори во закон националниот план за тргување со емисии, оставајќи ја Унијата да изгледа се' поизолирано. Јурген Туман, претседател на „Бизнис-Европа“, моќна конфедерација на индустрии и работодавци, го критикуваше системот како „најскапа програма за климата во светот“.
Минатата година, во храбрата постапка за наметнување на својата политика за животната средина во остатокот од светот, ЕУ побара сите авиокомпании што слетуваат или полетуваат од нејзините аеродроми да купуваат кредити за загадување почнувајќи од 2012 година. Меѓутоа, постапката го налути Вашингтон, кој соопшти дека тоа ризикува нарушување на меѓународните правила во авиосообраќајот со форсирање на неевропски авиокомпании во системот.
Недовербата меѓу Европа и САД опстои дури и по ветувањето на претседателот Барак Обама, што го даде веднаш по победата на изборите, дека САД конечно ќе се справат со гасовите со ефект на стаклена градина. Летово Европејците беа особено загрижени од американската одлука билатерално да преговараат со Кина, место да дојдат во Бон, каде што се водеа разговори за климата под чадорот на ОН. Европејците ги сметаат ОН за најдобар форум што ќе осигура земјите во развој да бидат зад процесот за постигнување договор.
Во октомври лидерите на ЕУ се согласија да уплатат одредена сума во глобалниот фонд што ќе биде во вредност од сто милијарди долари годишно до 2020 година. Земјите-членки на ЕУ не можеа да се согласат за тоа колкава сума треба да се приложи од јавната каса, многу разочарувајќи ги активистите за животна средина и официјалните претставници на ОН. Меѓутоа, потегот го одбележа првото формално признание дека богатите земји, што се одговорни за огромно мнозинство акумулирани гасови со ефект на стаклена градина, ќе треба да ја платат сметката за помош на сиромашните земји да се адаптираат на ефектите на климатските промени. За да помогне во собирањето на тие пари ЕУ сака да се постигне политички договор во Копенхаген, кој ќе ги натера богатите земји да учествуваат во глобалниот систем со трговија на дозволи за емисии на јаглерод двооксид, извлекувајќи елементи од европскиот систем.
Кога минатата седмица претседателот Обама пропушти да спомне пари за земјите во развој, Европската комисија жестоко одговори дека финансиите се „еден елемент за кој ние треба понатаму да дискутираме“.
Брисел, исто така, зазеде млак став кон привремениот ангажман на Обама за намалување на американските емисии за 17 проценти до 2020 година во споредба со нивоата од 2005 година, што смета дека е далеку помалку од она што е потребно за да се обезбеди глобален договор за спречување на претераното зголемување на температурата на Земјата.
Тод Стерн, главен американски преговарач за климата, пред неколку месеци забележа дека некои луѓе „од другата страна на барата“ не разбираат сосема колку е тешко да се натера американскиот Конгрес да одобри мерки за ограничување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.
Официјални претставници на ЕУ, исто така, изразија разочараност од понудата на Кина, дадена минатата седмица, за забавување на порастот на емисиите, наведувајќи дека тоа не е ништо друго освен „тековна работа“. И покрај неуспесите, официјалните претставници на ЕУ и натаму се со став дека нивната стратегија на приоритети ги охрабри Бразил, Русија, Јапонија, Индонезија и Јужна Кореја да излезат со поамбициозни планови отколку што тоа би го направиле во друг случај пред состанокот во Копенхаген. Европскиот комесар за животна средина, Ставрос Димас, апелираше до Европа да го задржи тој импулс на унилатерално намалување на емисиите до 30 проценти од нивоата во 1990 година, од сега договорената понуда од 20 проценти, место да чека другите држави да ги омекнат своите планови. „Моралниот притисок би бил многу поголем врз развиените земји и врз земјите во развој“, вели Димас.
Според дипломатите, Британија, Данска, Холандија и Словенија се меѓу земјите-членки што би поддржале дополнително намалување на емисиите на Самитот на ЕУ во Брисел на 10 и 11 декември, што ќе се одржи за време на првата седмица од Самитот во Копенхаген. Тие го гледаат тоа како начин за подобрување на шансите за постигнување договор што ќе го замени Протоколот од Кјото пред неговото истекување во 2012 година. Меѓутоа, лидерите на Италија и на Полска каде што постои голем рударски комплекс од јагленокопи, плус одреден број источноевропски земји, стравуваат дека таквиот чекор би бил многу скап. Тоа создаде потенцијал за засрамувачки јавен спор меѓу земјите-членки на ЕУ токму кога Унијата вложува големи надежи во потврдувањето на своето лидерство.
(Интернешенел хералд трибјун)
Песна на Боб Дилан неофицијална химна на Конференцијата
ЊуЈорк- Песната на Боб Дилан „A Hard Rain's A Gonna Fall“ е прифатена за неофицијална химна на Конференцијата на Обединетите нации за борба против климатските промени, што од утре почнува во Копенхаген.Песната е за стравовите на луѓето што живеат под закана од нуклеарна војна. Дилан првпат ја објави песната во 1962 година, во текот на студената војна. Сега песната има нова порака - за стравовите на денешната генерација од климатските промени.
„Тоа е доказ за безвременоста и универзалната сила на текстовите на Дилан“, изјави Дејвид Фрике, главен уредник на њујоршкото музичко списание „Ролингстоун“. (МИА)
|