Број 3462  вторник, 21 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Мислења

Мислења

За глумците и совеста

Лазар Еленовски

Немаме изградено државно (национално) чувство. Затоа, да не се чудиме зошто сме дојдени на ова дереџе и внатре и надвор од државата

Ги гледате ли нашите народни пратеници во Собранието на државата? Како тоа тие му служат на народот и како на тоа го потсетуваат, посебно кога ќе се најдат во тесно. Минатата недела нашите пратеници брилираа во творечкиот занес во кој се најдоа. Го употребија целиот арсенал оружја, но го заборавија главното - достоинството. На тој начин повторно докажаа, бидејќи делата зборуваат повеќе од празните флоскули што ги повторуваат на говорницата, дека за нив највисокиот дом во државата, светилиштето каде што се градат и негуваат демократијата и вредностите на државата, е најобичен циркус каде што секој циркузант треба да си ја одигра својата точка. И притоа, се разбира, да биде успешен. Но, да не се разбереме погрешно, успешен не кон оние што го избрале - граѓаните. Не го мачи тоа нашиот пратеник. Тоа што го мачи е да биде послу(спе)шен кон него, неговиот лидер, кон тој што го ставил на листа. Затоа е подготвен да изведе секакви кловновски точки за да ја заслужи неговата љубов за наредниот мандат. Бидејќи единствено од него зависи, без разлика колку е популарен меѓу народот или партиското членство. Дотука сме стигнале во демократијата за дваесет години со Бранко, Љупчо и Никола. За наредните ќе видиме.

Во демократијата, каква и да е, ништо не ве лишува од личната одговорност, од примерот што го давате како народен пратеник. Дали ќе бидете полтрон, кавгаџија, примитивец, шрафче од гласачка машина или ќе решите чесно и достоинствено да го одработите мандатот, изборот е единствено ваш. Се разбира, на ова ниво на демократија на кое се наоѓаме, целосно фингиран изборен процес и со ниска политичка култура, ризикот да се одлучите за последното може да ве чини многу. Но, има и нешто друго, за кое големиот Ниче во „Заратустра“, зборувајќи за глумците на плоштадот вели: „Дух има глумецот, но малку совест на духот“. И тоа нешто, поточно совеста, колку и да не е видлива на плоштадот, пазарот, циркусот или народното собрание, сепак, игра клучна улога во целата човечка цивилизација и ја води во развој и во прогрес. Така било отсекогаш, така ќе биде и во наша Македонија.

Совеста и моралот ќе преовладеат. Македонија ќе го прекине ѓаволовиот круг во кој се наоѓа како нестабилна и несигурна држава и општество, држава со секојдневни шокови од ведро небо за граѓаните, каде што неперспективноста и отапеноста на духот се константа, па затоа половина од младината мудро сака итно да ја напушти. Држава со бројни системски дефекти што никој не ги решава, бидејќи кога ќе дојдат на власт тие дефекти им помагаат полесно да владеат и уште побројни нуспојави од тие дефекти, од кои дел, види чудо, стануваат системско решение!

Македонија ќе излезе од оваа ситуација на регулиран хаос во кој владеат корупцијата и криминалот на најголемите глумци и ќе влезе во стабилна здодевна варијанта, која е однапред предвидлива, бидејќи не зависи од непредвидливите апетити на глумците, туку од воспоставени критериуми, процедури и стандарди. Токму како во богатата, стерилна и здодевна Европа, за која деновиве некои од кловновите на големите глумци токму поради тоа тврдат дека ќе се распаднела. Македонија денес повеќе од кога било е доведена пред Хамлетовиот бинарен избор. За да го избере среќниот одговор to be - треба да го смени патот. Прашањето или констатацијата не е за тоа дали ќе го смени, бидејќи ако не го смени ќе се реализира негативниот одговор not to be, туку кога ќе го смени. А тоа, конечно, не зависи од нашите глумци. Нивно е да си ја играат добро познатата игра што веќе, по толку години, е целосно проѕирна. И штетна. За среќа, тоа, сепак, ќе зависи од луѓето на плоштадот. Прашање е дали тие пак ќе наседнат да ја купат картата на ѓаволот и да ја гледаат старата претстава на глумците или ќе употребат само „малку совест на духот“!

Ништо понавредливо не сум слушнал во последно време од изјавата на никој друг - туку лично на премиерот, кога уличниот обид за предвремени избори на СДСМ го спореди со доаѓањето на комунистите на власт во 1945 година. Се разбира, не навредливо за Бранко и неговите, тие и онака се безверници што долг период врз база на некое минато ги лажат сите, а посебно левоориентираните во државата, без притоа ништо да направат во тој правец. Напротив. Доказ за тоа е нивната нереакција за изјавата. ��ожеби на крај и тие се срамат од тоа минато. Па, дури не толку навредливо ни за комунистите што повеќето биле и се чесни луѓе и верувале во идеали кога ги споредуваат со т.н. комуњари. Тоа е слично како да велите дека пролетерот е исто со лумпенпролетерот. Не, тоа не е навредливо ниту за групите граѓани во оваа држава, како што излегоа од Сојузот на борците и погрешно лоцираа дека тоа нив ги навредило.

Тоа е голема навреда за државата и за сите нејзини граѓани, а посебно за македонскиот народ. Да дојдеше таква изјава отстрана, државата (ако е држава) ќе требаше остро да реагира. Но, оваа несреќна изјава дојде од центарот на државата, што јасно кажува дека ние самите немаме само проблеми со иднината туку и со минатото, што значи и со основните вредности на државата и на нацијата. Да го потсетам само премиерот, ова е факт, не треба да се докажува, дека во 1945 година е формирана првата македонска држава. Истата држава каде што ние сега живееме. Таа не е формирана ниту 1903 година, ниту 1913, ниту 1918. Ниту во 18 или во 19 век како и другите балкански народи (освен Албанците). Таа држава е формирана со крв, по светска војна во која нашите предци биле на вистинската антифашистичка страна. Знаете ли како токму во демократскиот свет до денес се прославуваат деновите од големите победи на сојузниците врз нацистичкото зло. Цела култура е развиена од таа голема победа за човештвото. Со право! Но, за разлика од целиот свет што се бореше против глобалното зло, Македонците имаа уште една историска неостварена задача што нивните претходници не ја реализирале - да создадат држава. И со помош на единствената политичка сила што ги признавала, Тито и југословенските комунисти, ја зграбија таа шанса и во војната се изборија за државата. Значи, не дојдоа тукутака на власт, посебно што пред нив власт биле нацистите и нивните сателити.

Се разбира дека не беа сите комунисти, но сите тие патриоти застанаа зад таа политич��а сила, бидејќи виделе дека се борат за иста цел – за Македонија. Друга таква политичка сила и, исто така, битно, геополитички прифатлива сила, во тој момент на крајот на војната немало. И, секако, дека самиот систем или режим тогаш и натаму имал грешки и неправди што треба да излезат на виделина. Но, во сериозните држави тоа не би смееле ниту да го помислите, камоли да го вулгаризирате за дневно-политички цели. Историскиот факт на создавањето на државата како една од најголемите нејзини вредности е заштитен од сите и има статус на национална свест и гордост. Секакви споредби со тоа се неумесни и би наишле на остри реакции во јавноста. Но, не во Македонија. Ние немаме изградено државно (национално) чувство. Затоа, да не се чудиме зошто сме дојдени на ова дереџе и внатре и надвор од државата. Да не бараме некој да не' почитува ако самите себе не се почитуваме!

(Авторот е претседател на СДУ)


#
Статијата е прочитана 1094 пати.

Испрати коментар

Од: nina
Датум: 21.12.2010 12:21:48
Ne daj Boze ti da se doberes do vlast. Nikola moze da uci avtoritarnost od tebe. Toa ke izgleda kako tvoeto prevzemanje na evroatlanski sovet od Nano Ruzin. Epten demokratski. Heheheeee...
Од: Zoran
Датум: 21.12.2010 14:08:59
Odlicen tekst ! Ubavo e nekoj da ne potseti na vistinskite vrednosti ... Bravo za avtorot , otsekogas mi ostaval vpecatok na umeren covek so visoki moralni vrednosti
Од: Resselsprung
Датум: 21.12.2010 14:55:09
Lazare potpolno si vo pravo.Dobro opisuvas kako denesnite kvazipoliticari vo MK,se odnesuvaat kon sopstvenata drzava ,nacijai i administrativno-ekonomski i prirodni resursi.Toa e taka nazad vekje 20 godini.Najemotiven e delot za NOB,istoriskata argumentacija,KPJ i legendarnata faca na svetskata politicka scena od 20 vek,koj uspea od makedonskiot narod da go simne palestinskiot shal i kurdskiot asketizam i da pomogne da se oznaci ustavniot pocetok na na nasio nepokor ,suverenitet i megjunarodno-praven subjektivitet.Igraj so taa argumentacija javno ,ne se srami.Toa e vistinata za makedonija.Samo taka ke te prepoznaat glasacite.Veruvaj mi.Pozdrav

Најди! во Утрински
Мислења
Реконструкција на Владата или...
 

What will 2011 bring for the Western Balkans?
Last news update on WAZ.EUobserver
Croatia moves closer to concluding EU accession talks