ЕДИТОРИЈАЛ
Власта нема само два проблема
Александра М. Митевска
Премиерот Никола Груевски и не мораше да каже дека последните две години од мандатот му биле многу потешки од претходните две. Тоа само по себе се чувствуваше во сите изминати 24 месеци. Тоа можеше да се намириса и во владината сала што во петокот ја исполни рамномерниот глас на премиерот, кој остана сам да ги набројува и најситните владини достигнувања, исправен пред паното што веќе не е во портокаловата боја, која го симболизираше ентузијазмот на „преродбата“.
Всушност, тоа е нормален политички циклус со кој се соочува речиси секоја влада во која било парламентарна демократија. Колку повеќе таа троши од мандатот, толку повеќе ја губи енергијата. Колку ќе направи повеќе чекори, толку граѓаните стануваат покритични кон неа. А, колку јавноста е погласна, толку опозицијата добива на сила.
Во случајот со Владата на Груевски, веројатно, требаше да биде поинаку. Благодарение на вонредните парламентарни избори, таа има уште две години од мандатот, така што мноштвото популистички мерки што ги презема, запоставувајќи ги непопуларните реформи, требаше да и' обезбедат долг престој на врвот на рејтинг-листите.
Но, кога премиерот вели дека изминатите две години му биле најтешки во политичката кариера, нема причина да не му се верува. Само прашање е што можеме да очекуваме во наредните две години кога енергетското ниво на власта ќе падне уште пониско, а уште повеќе ќе порасне критичната маса. Прашање е и дали рецесијата и името се единствените работи што му го загорчија вториот мандат на Груевски, кому, читајќи меѓу редови, му било многу поудобно додека беше во друштво со ДПА, и покрај тоа што тогаш ја немаше апсолутната власт.
Тоа што сега тврди Али Ахмети дека владината коалиција функционира речиси беспрекорно и дека тој не размислува за предвремени избори, е мала утеха за Груевски. Тој, веројатно, се сеќава дека Мендух Тачи често знаеше да му заржи, да му се закани со напуштање на власта, но никогаш не го оставаше сам, како што овој пат го остави Ахмети. Впрочем, лидерот на ДПА тогаш знаеше дека Груевски во секое време може да го замени со Ахмети, како што и Ахмети сега знае дека Груевски нема друга алтернатива за коалицирање освен ДУИ.
Премиерот сигурно памети и дека Тачи погласно и од него ја водеше битката против Бранко Црвенковски. Ахмети, пак, сега се среќава со Црвенковски, се консултира со стариот коалициски партнер...
За волја на вистината, не е исто да се критикува Црвенковски како шеф на држава и Црвенковски како опозициски лидер. Затоа и на Груевски, се чини, му беше полесно додека неговиот главен политички опонент беше во претседателскиот кабинет. За секое жешко прашање можеше да ја префрли одговорноста кај него, можеше да се повика и на грешките на претходниците и сето тоа да помине во јавноста.
Сега на Груевски како опција му останува само да се обиде да ја подели одговорноста со претседателот Ѓорге Иванов, но тоа му доаѓа како да фрла топка во сопствениот двор. Сепак, тоа му е единствена опција во ситуација кога се' потешко поминуваат кај „публиката“ обидите вината за секој промашен потег на власта да се бара во минатото и кај опозицијата. Па, нели, поминаа четири години откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт. А четири години, во нормални услови, би значеле цел еден мандат.
Ако се има визија, тоа е доволно долг период да се исправат грешките на претходниците и да се тргне напред. Но, токму визија недостасуваше во минатонеделниот отчет на премиерот, кој наброја многу мостови, патишта, канализации, спортски сали... Но, не кажа како во наредните две години ќе се справува со економијата и со проблемот со името од што зависат и евроатлантските перспективи на државата. Само кажа дека тие две работи што ги посочуваше како најприоритетни цели на неговата Влада во 2006 година, и' ја успориле динамиката на „преродбата“! |