Владата ќе вложува во нови скапи извори за Овчеполието

Најзастапени житните и фуражните култури се наводнуваат со водени топови-распрскувачи
Иван Бојаџиски
Штип - Владата помпезно најавува дека до 2012 година за субвенции во земјоделството ќе вложи 463 милиони евра од кои 34 милиони ќе биле издвоени за наводнување. Образложувајќи ја оваа стратегија на трибина во Свети Николе, вицепремиерот Зоран Ставревски потенцира дека најголем дел од парите за наводнувањето ќе бидат наменети за Овчеполието како еден од најсушните региони во државава. Вода за овој регион со полупустинска клима ќе се обезбедува со дупчење нови бунари, а рационализацијата ќе се остварува со примена на системот капка по капка. Владата ќе го прави ова во услови кога на овој терен има големи количини вода кои бесцелно истекуваат во празно.
Кога е во прашање источниот регион, треба да се знае дека нивите од Виничко до крајниот дел на Овчеполитето се обезбедени со вода за наводнување преку брегалничкиот хидромелиоративен систем, кој е во служба на земјоделците уште од 1970 година. Проблем е само тоа што во ова транзициско време, од една или од друга причина, неговите големи можности не се користат на вистински начин. Имено, овој систем има капацитет да обезбеди вода за 25.000 хектари, но моментно се наводнуваат само 6.000 хектари. Во годините на транзиција, никогаш не се наводнувале повеќе од 9.000 хектари. Тоа говори дека големиот капацитет на највредната инвестиција во аграрот на подрачјето на источна Македонија се користи со одвај дваесетина проценти. Голема количина вода, наместо за многу повисоки приноси, напразно останува или истекува во неврат во вештачкото езеро „Калиманци“, кое е со годишен акумулативен капацитет од 125 милиони кубни метри вода.
Градежни стручњаци тврдат дека нашава држава ваков капитален објект нема да може да изгради ниту во наредните сто години, а кога денес би се градел, тоа би било инвестиција од најмалку половина милијарда евра. Тие пари ги нема Македонија, а тешко дека би ги обезбедила во некоја блиска иднина. Во Овчеполието, за кое најмногу се говореше на трибината во Свети Николе, водите од овој систем се користат на околу 2.500 хектари наместо на 9.000 хектари колку што е планирано и можно. Идејата на Владата за инсталирање систем капка по капка во овој регион, исто така, може да се спори, бидејки овде се најзастапени житните и фуражните култури, кои се наводнуваат со водени топови-распрскувачи, додека во многу помал обем се застапени лозовите и овошните насади, кај кои се потребни инсталации од типот капка по капка.
Ако се сака вода за поголеми земјоделски површини, тогаш ќе мора парите, ако Владата вистински ги има, да се насочат во обнова на десниот магистрален канал и на деталната каналска мрежа во Кочанско, Штипско и посебно во Овчеполието. Мрежата е мошне руинирана, а тоа е резултат на неспособноста на партиските структури кои се инсталираа на раководните места и во управувачките структури на водостопанското претпријатие. Да се дупчи за вода во Овчеполието за нејзина употреба во земјоделството, исто така, е спорна одлука, бидејќи водата на овој терен е на големи длабочини, што значи дека ќе треба да се инвестираат големи суми во стотици дупчења, а таа вода, ако ја има, ќе биде мошне скапа за земјоделците, зашто потопните пумпи работат на струја која ќе станува се' поскапа.
Истиот проблем го има и во општината Радовиш. Вештачкото езеро „Мантово“ акумулира 49 милиони кубни метри вода, но земјоделците од овој регион користат максим пет проценти од неговите можности. Прашањето кое треба да се отвори не е да се вложува во нови бунари, туку големиот воден потенцијал да се стави во функција на земјоделците.
|