Невакцинираните да се заштитат
Епидемијата од морбили во соседна Бугарија не треба да ги загрижува македонските граѓани, бидејќи има 95-процентна имунизација од болеста. Вакцината против морбили е воведена во 1982 година, a лицата кои не се вакцинирани и не ја прележале болеста, доколку сакаат да патуваат во Бугарија, треба да се обратат за имунизација.
Такви препораки упати вчера Јованка Костовска, раководителка на Секторот за превентивна заштита во Министерството за здравство, по епидемијата од морбили во Бугарија, каде што има 14.000 заболени и 18 смртни случаи, претежно од ромска популација и од рурални средини каде што имало нецелосна вакцинација.
„Кај нас вакцинацијата е над 95 проценти за морбили, а во регионите блиску до Бугарија е 100 проценти. За секој случај, упатена е препорака до превентивните тимови за прочистување на теренот и доколку има невакцинирани против морбили, да ги вакцинираат“, изјави Костовска.
Сигурност влева и ланската вакцинација на 60.000 лица против заушки и морбили, кога во државата владееше епидемија на заушки. (МИА)
|