Печатените рецепти не ги намалија нервозите
Во аптека не би требало да биде вратен ниту еден пациент, тврди ФЗО
Јасмина Јовановска
Лекарите во паника, пациентите нервозни. Ова е дел од вчерашната слика во чекалниците и ординациите на матичните лекари откако и официјално стартува електронскиот рецепт. Лекарите се вознемирени да не згрешат при печатењето на рецептите, а пациентите реагираат дека со новиот начин на издавање на рецептите не се намалиле нервозите за чекање.
„Се плашам да не згрешам или да не пропуштам нешто во пополнувањето на рецептот за да не печатам по пет пати еден ист рецепт“, вели една матична лекарка. Според неа, и покрај тоа што три недели го тестирале системот, сепак, ко��а е нешто ново, нормално е да има почетнички проблеми. „Има проблеми и со програмата за одредени шифри на лекови. На пример, за инсулинот може да се издаде рецепт, но не и за лентите и за иглите. Не знам, треба да се сугерира да се исправи тоа. Можеби е само до нашата програма зашто компјутерите ни ги одржуваат различни фирми“, објаснува друга докторка од поликлиниката „Јане Сандански“.
Новиот рецепт, за поголемиот дел од лекарите нема многу да смени, освен во читливото пишување на лекот. „Можеби ќе ми се одмори раката. Но, времето на чекање нема многу да се намали. Се чекаше за пишување, сега ќе се чека за да се испечатат рецептите“, додава друг лекар од поликлиниката „Букурешт“. И пациентите се согласуваат дека и натаму ќе чекаат со часови за да им се препише рецепт. „Па уште ако не' вратат, ако нема факсимил од специјалистот, не ни бегаат најмалку три часа губење време за еден рецепт“, вели еден астаматичар, кој го затековме во поликлиниката на МВР. Од Фондот за здравствено осигурување не знаат како првиот ден се одвива печатењето на рецептите зашто не испратиле контрола, бидејќи според нив, немало потреба за тоа. „Треба сите матични лекари да се подготвени и да имаат печатачи. На тоа уште еднаш им укажавме минатата недела. Но, што да правиме ако некој не сака да набави печатач. Оние пред пензија, на пример велат дека не им се исплати да купат печатач, па макар и да ги казниме“, објаснува директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Змејкова- Парнарџиева. Таа уште смета дека не треба да има проблем ни со програмите ни со шифрите, бидејќи сите специјалисти веќе добиле факсимили. Според Змејкова-Парнарџиева, во аптека не би требало да биде вратен ниту еден пациент без разлика дали има печатен или пишан рецепт. Посебно што во договорите јасно стои дека кога ќе снема струја кога ќе се расипе компјутерот или има друга пречка, тогаш може да се издаде и пишан рецепт.
Од ФЗО апелираат аптеките да ги прочитаат материјалите и упатствата како да постапуваат. „Обврската за аптеките во врска со печатените рецепти е минимална, тие ќе ги примаат, а товарот за издавање и веродостојноста на рецептите е на матичните лекари“, објаснува Змејкова-Парнарџиева.
За неоправдано неиздавање печатен рецепт прво следува опомена, а потоа казна од една четвртина од основната капитација на лекарот. |