Брoj 2685  среда, 14 мај 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
На прво место

ДУИ протестираше во Тетово по нападот врз Ахмети

Нема да потпаднеме на провокации кои се антиалбански сценарија, нагласи Али Ахмети

Гојко Ефтоски 
Светлана Унковска


Тетово - Едно лице е приведено, а по второто се трага, по завчерашниот напад на три возила од партискиот конвој на ДУИ во тетовското село Раковец, кој партијата го оквалификува како „атентат врз лидерот Али Ахмети“. Во знак на протест, поради изборните инциденти, вчера на Градскиот плоштад во Тетово, под слоганот „Стоп за насилствата“, ДУИ одржа мирен протестен митинг.

МВР вчера соопшти дека едно лице е приведено, а по друго се трага. Претставниците на ДУИ, вчера попладне се појавија во МВР да го препознаат напаѓачот, откако полицијата неколку пати ги повика да помогнат во истрагата. Од МВР нагласуваат дека настанот го пријавил градоначалникот на Општина Боговиње, но како напад на три возила, а не обид за атентат на лидерот на ДУИ.

Политичките партии вчера го осудија настанот, додека ривалската ДПА се огради од инцидентот.

На вчерашниот митинг во Тетово беше впечатливо големото партиско обезбедување не само на страната на ДУИ туку и на политичкиот опонент - ДПА чие седиште се наоѓа педесетина метри од местото на митингот. Оддалеченоста на партиските кордони не надминуваше дваесетина метри. Митингот почна со задоцнување, бидејќи кабелот за електрична енергија бил скинат, па надлежните од „Електро-Тетово“ барале алтернативни решенија.

„Се собравме за да им се спротивставиме на насилствата, да им речеме доста на убиствата и на психолошкиот терор. Нема сила која ќе не' оддалечи од аманетот на командантите што гинеле за Албанците. Вчера во Раковец ме викнаа синовите на припадниците кои загинаа. Покажавме трпение зашто знаеме дека народот е со нас. Нема да потпаднеме на провокации кои претставуваат антиалбански сценарија“, нагласи Али Ахмети. Лидерот на ДУИ побара единство зашто „само со единство можеме да кажеме не на антиалбанството“.

Присутните на митингот дојдоа со неколку транспаренти на кои стоеше „Куршумот на Албанецот е неговиот глас“, „Али не се плаши, ние не те даваме“, „Мендух, запри ги твоите банди“. Потпретседателката Теута Арифи од говорницата констатира дека со манифестираните насилства не се гради демократија.„Срам е за тие што ги прават, но нема кој да го исплаши народот“, порача Теута Арифи.

Вчерашниот ден и ноќта пред тоа во Тетово �� Тетовско поминаа во помирна атмосфера во споредба со претходните денови кога насилствата кулминираа со вооружениот инцидент на конвојот на ДУИ во Раковец. Али Ахмети врз кого имало обид за атентат по настанот во ова шарпланинско село се огласи со опис на случувањето. Тој рече дека контролирани и неконтролирани рафали имало само пет-шест минути по нивното пристигнување во Раковец.

„Излегувајќи од седиштето на локалниот изборен штаб наиде рафал кон мене. Господ ме спаси, но и возилото ме заштити. Голем дел од одговорноста за случувањето сноси МВР, министерката Гордана Јанкуловски и премиерот Никола Груевски. Јас сум лидер на опозициска партија и немам механизам за заштита, ниту посакувам да имаме паралелни органи. Надлежните органи треба да функционираат како државни, а не како партиски“, предочи Ахмети.

Градоначалникот на Општина Боговиње, Невзат Елези, во чиј состав е и селото Раковец, исто така, бил дел на конвојот. Тој објасни дека инцидентот се случил во понеделникот околу 16,30 часот.„Бевме со повеќе возила. Во пет од нив завршија куршуми од напаѓачите. Мислам дека возилото во кое седев јас го погодија најмногу истрели. Во џипот на Ахмети има три куршуми. Среќа е што се' помина без жртви“, вели Елези.

Според СВР – Тетово, едно лице било повредено. Во Раковец бил Мухамед Сума (30), од населбата Чаир од Скопје, дојден како гостин, на свадба кај своја сестра. Бил погоден од куршум во левата натколеница. Задржан е на лекување во Клиничката болница во Тетово. Во СВР - Тетово информираат и за тоа дека во градот, во станбениот блок „77“, во понеделникот вечерта, околу 20,30 часот, во „опел аскона“ бил приведен Фарук Илјази (36) од Голема Речица, осомничен како учесник во оружениот напад. Во текот на вчерашниот ден тој давал исказ пред истражен судија. Според портпаролот на СВР - Тетово, Марјан Јосифовски, уште едно лице е осомничено, но се' уште не е достапно за полицијата.

Во ДУИ за инцидентите ја обвинуваат ДПА, но истовремено искажуваат незадоволство од институциите кои се должни да се грижат за безбедноста.

Спротивставени мислења имаат во ДПА, дека „тоа се стари финти на ДУИ како дел на сценарио уште од 2002 година со провокации, терор и насилство во сите изборни циклуси до денес“. Министерот за здравство, Имер Селмани, пак вчера во изјавата за медиумите ја потсети јавноста дека „ вакви стандарди се воведоа од изборите во 2002 година - кога се појави една политичка партија во името на војната и оружјето и воведоа поинакви стандарди и гласање, во кое имаше резултати: илјада – нула.Тие кога ја губат контролата,создаваат мислење дека тие се жртвите“, вели Селмани.

Коалицијата за Европа најостро го осуди тешките инциденти кои секојдневно се случуваат во предизборната кампања. Тие ја повикаа министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, да преземе поголема одговорност и да ги открие сторителите на насилствата. И ВМРО-ДПМНЕ вчера повика на смиреност и фер предизборна кампања, но смета дека зад сето ова постојат сценарија.


Статијата е прочитана 448 пати.

Испрати коментар

Од: jimmy1
Датум: 14.05.2008 02:22:11
Ako MVR navistina raboti na partiska osnova, za partiski interesi togas treba da se napravat mnogu promeni na nadleznite, zosto MVR, vojskata, sudstvoto i nekoi drugi drzavni institucii treba da rabotata pod ednakvo za site gragani na republikata a ne samo vo interes na partiskite milenici i partiskite interesi. Po se izgleda deka za toa e najodgovorna ministerkata na policijata Jankulovska i treba da podnese ostavka zosto ne e sposobna za taa funkcija i ne mozi da se spravi so incidentite sto se slucuvaat ( a ne e cudno toa da e nejzin sistem na rabota).
Од: Paci
Датум: 14.05.2008 18:59:28
Не само Тачи, туку цела ДПА треба да биде ставена на црна листа на С.А.Д. Тие луѓе не еволуирале ни за милиметар од ‘касапааната‘ што ја правеа за време на претседателските избори кога беше избран Борис Трајковски. Главни и единствени виновници за негативната оценка што ќе ја добиеме ( а не гледам зошто да не ја добиеме) за овие избори, ќе бидат ДПА и неспособните институции кои требаа да обезбедат мирни предизборни услови во овие невралгични подрачја.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
На прво место
Последно предупредување од ЕУ