Број 3311  сабота, 19 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Македонија

Гостиварци на голема мака, при вода - без вода

Забраната за употреба на водата за пиење и за готвење се' уште е во сила

Киро Кипроски


ГОСТИВАР - И по три месеци тече заматена вода низ цевките на градскиот водовод. Хаваријата што се случи на 16 март годинава во изворите на Вардар во село Вруток, создаде големи маки за над 60.000 жители на Гостивар и на околните села. Забраната за употреба на водата за пиење и за готвење се' уште е во сила. Во Дирекцијата за храната се категорични, така ќе биде се' до нормализирање на заматеноста. Водата се користи само како техничка. За пиење гостиварци се снабдуваат од цистерни што ги обезбедува ЈКП „Комуналец“, од бунари или пумпи, а некои полнат од чешми во блиските села или купуваат од продавница.

„Три месеци,по неколку пати во денот полнам вода во соседството. Рацете ме болат од носење пластични шишиња“, се жали Ружа Билбилоска. Таа вели дека целото семејство е ангажирано за снабдување со вода.

„Маките се повторуваат од 2006 година кога водата се избистри по чекање од шест месеци“, се потсетува Борче Огњановски. Од пред неколку денови со горештините секнаа и славините, додава тој. „Најстрашно е за нас што живееме на повисоките катови во станбените згради. Покрај вода за пиење, сега носам и вода за одржување на хигиената во бањата. Животот е како во првобитна заедница. Десетина литри вода да се носат на четвртиот кат, на 35 степени, воопшто не е лесно“, огорчено зборува Огњановски.

Во Јавното комунално претпријатие што стопанисува со градскиот водовод велат дека штедроста на изворите во Вруток не е намалена. Но, тврдат дека има многу несовесни граѓани што забораваат да ги затворат славините. „Бесцелно водата тече низ улиците и низ дворовите во куќите. Се наводнуваат ниви со градинарски и други култури, без да се размисли дека некои гостиварци се мачат да донесат литар вода во домовите“, коментираат од „Комуналец“.

Во Центарот за здравје апелираат до сопствениците на бунари, хидрофори, пумпи, примероци на вода редовно да носат кај нив за да направат биолошка и хемиска анализа на исправноста.

Проблемите со заматувањето на водата во гостиварскиот водовод е честа појава поради тоа што нема пречистителна станица. Можеби гостиварскиот водовод е единствен во светот каде што цевките се директно ставени во изворите.

Ветувањето на министрите за транспорт и за екологија, Миле Јанакиески и Неџати Јакупи, дадено при посетата на пречистителната станица во селото Здуње, дека веднаш по хаваријата на изворите во Вруток ќе продолжат работите на доизградба на филтер-станицата, остана само ветување.

Според министерот Јакупи, административните процедури биле во завршна фаза и наскоро ќе започнеле работите за изградба на филтер-станицата во селото Зубовце. Ако се' се одвива според планот, тогаш за две години, или во 2012 година, гостиварци ќе имаат чиста вода за пиење.


#
Статијата е прочитана 287 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Тетовската депонија пак плива во ѓубре