Тетовската депонија пак плива во ѓубре

Жителите од околните населби реагираат на смрдеата од зголемените количества отпад
ТЕТОВО - Дивата депонија кај железничката станица повторно плива во ѓубре. Причина за тоа е дефект на две комунални возила, кои ноќе го транспортираат отпадот во „Русино“. Жителите на околните населби реагираат, бидејќи поради горештините чувствуваат смрдеа во нивните домови. Тетовските комуналци смируваат и велат дека нема место за паника, отпадот од понеделник редовно ќе завршувал на гостиварската депонија.
„Во последните денови има поголеми количини смет на депонијата поради дефектот на два камиона. Toa не' спречува целосно да го префрлиме дневниот отпад. В понеделник се враќаат камионите од поправка, а ситуацијата целосно ќе се нормализира“, објасни Хасан Љума, директор на ЈКП „Тетово“.
Од Јавното комунално претпријатие нагласуваат дека се подготвени за директен транспорт на ѓубрето во „Русино“. Но, велат, пречка е општинскиот договор меѓу Тетово и Гостивар, според кој, сметот од Тетово може да се носи во „Русино“ само во периодот од 21 часот навечер до 6 часот наутро. Тоа значи дека отпадот што се собира дење во Тетово привремено се сместува на депонијата, којa е претоварна станица, а навечер со специјални камиони се фрла во гостиварската депонија. Тетовските комуналци дневно собираат од 100 до 130 кубни метри смет. (Г.Е.) |