Државата незаинтересирана да гради автопатишта
Во буџетот за идната година не е предвиден ниту денар за изградба на нов автопат
Билјана Ангеловска
Во Македонија има 242,5 километри изграден автопат, во кои се вклучени и оние 26,5 километри обиколница на Скопје, која се' уште не е целосно предадена во употреба. Тоа, генерално гледано, е малку, со оглед на тоа што сме држава со исклучително важна и поволна географска местоположба, каде што се вкрстуваат коридорите 8 и 10, најважните патни правци кои ја поврзуваат Европа со Блискиот Исток.
Двата коридора претставуваат стратегиски патни правци за Македонија. Коридорот 10, со вкупна должина од 172 километри, се протега од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица. Во состав на овој Коридор е и автопатот-крак Велес - Меџитлија, кој ги поврзува Велес, Прилеп и Битола со Грција. Од К-10 се изградени 132 километри. Автопатот Исток - Запад, пак, односно, К- 8 низ Македонија се протега со вкупна должина од 304 километри. Но, од нив се изградени само 84 километри, поточно, едвај 28 проценти, а завршува и изградбата на обиколницата на Скопје, како составен дел од К-8.
Дека се неопходни уште многу километри квалитетни патишта - нема дилема. Сите се согласни дека патната инфраструктура во Македонија е во исклучително лоша состојба. Не само што нема доволно патишта од највисока категорија, автопати, туку и оние кои се веќе изградени, се наоѓаат во катастрофална состојба, со дупки, крпени и недоволно безбедни за брз сообраќај. Оттаму, зачудува односот на државата кон овој многу важен сообраќаен сегмент, со оглед на тоа што воопшто не размислува да вложува во изградба на нови километри автопат.
Во предложениот буџет за наредната година не е предвиден ниту еден денар за изградба на автопатишта. Единствено Агенцијата за државни патишта има распишано тендер за изработка на проект за изградба на делницата о�� Демир Капија до Смоквица, од Коридорот 10, во должина од 27 километри, а во тек е и изградбата на 7,6 километри патен правец Табановце - Куманово, кој ќе биде автопатско решение и ќе чини близу 9 милиони евра, но се гради со заеднички средства, односно, со помал дел домашно учество и со заем од Светска банка.
И, тоа е се' што планира државата да го гради како автопат со сопствени средства. Затоа, пак, седум патни правци од Коридорот 8, со вкупна должина од 560 километри, ќе бидат изградени со автопатско решение, но преку давање под концесија. Станува збор за делниците: Романовце - Деве Баир (граница со Бугарија), во должина од 70 километри, обиколница на Скопје - Блаце (граница со Косово), 13 километри, од Гостивар до Требеништа, односно, до аеродромот во Охрид, 93 километри, од Ќафасан, поточно од границата со Албанија до Битола во должина од 85 километри, 130 километри од границата со Грција, Меџитлија до Велес, 120 километри од Велес до Обел, границата со Бугарија, и околу 50 километри од патниот правец Штип - Миладиновци. Треба да се напомене дека изградбата на овие патни правци ќе биде комплетна обврска на идниот концесионер, што значи дека државата нема да вложи ништо.
Факт е дека фокусот на вниманието на Владата во делот на патната инфраструктура речиси комплетно е насочен кон изградба на регионални и локални патишта, за што во буџетот за наредната година се предвидени прилично големи средства. Иако станува збор за десетина делници чијашто изградба има голема важност, сепак, тие се, пред се', од регионално и локално значење, кое нема некоја поголема улога во категоризацијата на државава според нивото на патната инфраструктура. Неоспорно е дека сообраќајната мрежа во Македонија би требало да биде подеднакво добра и кога станува збор за регионалните и кога се во прашање магистралните патишта. Сепак, рангот најмногу зависи од процентот на застапеност на највисоката категорија пат, што значи, од километрите изграден автопат.
И, додека во Македонија никој не се потресува околу тоа дека државава ни е многу сиромашна во поглед на патната инфраструктура, во земјите од најблиското опкружување состојбата е сосема поинаква. На пример, Хрватска има една од најразгранетите и најизградени мрежи автопат во Европа. Така, според последните податоци на Европското здружение на концесионери на автопатишта (АСЕЦАП), Хрватска досега има изградено 1.163 километри автопат, што е 260 километри на еден милион жители. Со тој податок, Хрватска се наоѓа на извонредното второ место, веднаш зад Шпанија, која на милион жители има изградено околу 320 километри автопат.
АСЕЦАП има анализирано податоци во 16 држави, меѓу кои се Полска, Србија, Словенија, Мароко, Австрија, Грција, Португалија, Норвешка и други. Висока четврта позиција на табелата зазема Словенија, која со приближна големина и број на население како Македонија, има 220 километри автопат на милион жители. Соседите Грција и Србија се позиционирани на 12., односно 13. место со изградени меѓу 80 и 70 километри автопат на милион жители, а на крајот на табелата е Полска, која има само 40-ина километри автопат на еден милион жители.
Дека цената на чинење на изградба на еден километар автопат не е главниот фактор поради кој кај нас речиси не се градат автопатишта, најдобар пример, повторно е Хрватска. Во оваа држава изградбата на еден километар автопат на добар, лесен терен чини 6 милиони евра, додека ако се работи за тежок терен, каде што има потреба од изградба на мостови, или тунели, цената се качува и до 12 милиони евра. Во Австрија, пак, ист таков километар автопат чини околу 22 милиона евра, а на полесен терен би можел да се изгради за половина цена поевтино.
Споредено со Европа, изградбата на автопат во Македонија е речиси без пари, бидејќи еден километар на лесен терен може да се изгради дури и за помалку од еден милион евра, а на терен со мостови, достигнува до едвај три милиони евра. Оттаму, сосем логично звучи објаснувањето на нашите градежни фирми дека интересот сами да градат патишта од највисока категорија е занемарлив поради неисплатливост на објектот.
Како што велат градежниците, никој не сака да гради автопат онаму каде густината на сообраќај е толку мала што ќе требаат години и години додека се исплати инвестицијата. Значи, единствено државата е таа која треба да вложува во изградба на патишта од највисока категорија, па дури и онаму каде што фреквенцијата од возила не е многу голема. |