Фестивалот на пивото во Прилеп, сепак, ќе се одржи
ПРИЛЕП - За да се зачува традицијата и да се поттикне развојот на туризмот во градот, прилепската локална самоуправа, во соработка со Фондацијата за поддршка и „Пелагонија - Преда“, ќе биде домаќин на годинешниот Фестивал на пивото што ќе се одржи по шести пат.
На површина од 2.650 квадратни метри, на плоштадот во центарот на градот, од Градската кафеана до Центарот за култура, 20-ина штандови со пиво и скара од македонските пиварници, угостители и гости од Словенија ќе им понудат вистинско уживање на приближно 50.000 посетители, кои се очекуваат во градот во текот на четири фестивалски дена, односно од 28 до 31 август.
„Фестивалот ќе биде организиран со доследна примена на сите законски регулативи. Значи, и угостителите и пиварниците ќе мора да ги исполнат сите законски прописи во поглед на квалитетот на месото и сите прехранбени производи. Ќе се води грижа за сите хигиенско-санитарни аспекти, а секој штанд ќе им издава и фискална сметка на туристите. Значи, нема да биде заобиколен законот“, вели Борче Јанкулоски од „Пелагонија - Преда“.
Од Фондацијата за поддршка истакнуваат дека за целосна безбедност на граѓаните и посетителите ќе биде ангажирана и Агенцијата за обезбедување „Фалкон“, која во соработка со прилепската полиција ќе овозможи непречена забава и деноноќно уживање на граѓаните. Љубителите на пиво и гурманите на вкусните скари со нетрпение го очекуваат годинешното фестивалско дружење.
„Ќе се организираат низа натпревари и разни форми на забава за посетителите, а предвиден е настап и на повеќе музички ѕвезди“, најави Кате Крстеска, портпарол на локалната самоуправа.
Сите сопственици на штандови за закупнина на локалната самоуправа ќе и' платат по пет евра за квадратен метар. (Мн.Т.) |