Новите украински автобуси со стар систем за наплата
Пластичните картички се' уште го чекаат крајот на тендерот за смарт-тикетинг
Сања Наумовска
Првите 11 украински автобуси на ЈСП, кои на скопските улици ќе излезат во септември, нема да ги дочека нов систем за наплата со пластични картички. Во новите автобуси ќе важат старите хартиени картички, бидејќи тендерот за смарт-тикентинг се' уште не е завршен. Комисијата на Градот Скопје уште ги разгледува понудите на петте фирми што се јавија на тендерот што беше распишан пролетта. Конечна одлука не е донесена, а се очекува евалуацијата да трае до крајот на август. Доколку се' тече без проблеми и во законски зацртаните рокови, новиот систем на наплата во автобусите на ЈСП може да се очекува најрано за една година, а можеби и повеќе.
Главниот услов при избор на фирмата е цената за набавување и одржување на системот за наплата, како и квалитетот и гаранцијата. Фирмата што ќе биде избрана ќе има рок за имплементација од 210 дена од потпишувањето на договорот.
Новите картички ќе се купуваат еднаш и потоа ќе се надополнуваат со одредена сума, систем на припејд, во кое било тобако или маркет. Во автобусите ќе бидат поставени уреди со кои ќе се читаат овие картички и на тој начин ќе се плаќа возењето, велат во Градот. На овој начин ќе се намалат турканиците при влез во автобус, а и возачите нема да мораат да работат со пари и со картички. Картичките ќе можат да се дополнат со различна сума на кредит во секое време, во билетарниците, а подоцна и во пошироката трговска мрежа. Функционирањето на новиот систем на наплата ќе се тестира определен период во кој ќе важат и старите хартиени картички. Во меѓувреме, ќе се спроведе и кампања за информирање на граѓаните како да ги користат смарт-картичките и каде да ги купуваат.
Според плановите на градските власти, истовремено со картичките во автобусите на ЈСП ќе се монтираат и уреди за следење на движењето на возилата, преку кои од контролен центар ќе се врши увид кој автобус каде се наоѓа и дали вози во рамките на возниот ред. Овој систем е неопходен предуслов за да профункционираат и информативните табли што неодамна ги постави ЈСП на неколку автобуски станици низ градот. На нив сега можат да се видат информации за пристигнувањето само на автобусите со број „2“ и „5“. Во иднина, со имплементација на системот, на станиците во секој момент ќе има информација за колку време ќе пристигне кој било автобус. |