Притвор за директори на „Македонски железници“
Полицијата приведе петмина, од кои тројца се во притвор поради злоупотреби
Љубиша Станковиќ
Двајца директори во „Македонски железници“ и управителот на фирмата „Гео трејд“ завршија во 30-дневен притвор откако Финансиската полиција поднесе кривични пријави против нив за злоупотреба на службената положба и овластување. Станува збор за Б.К (53), директор на „Македонски железници – транспорт“, А.К. (46), директор на Подружница за влеча на возови при МЖ и Г.Н. (28), управител на Друштвото за производство, трговија, услуги и сообраќај „Гео трејд“.
Истражен судија им изрекол превентивна мерка задолжително јавување во судот на другите двајца приведени, а привремено им биле одземени и патните исправи. Тие се осомничени дека во периодот од 2007 до 2008 година вршеле набавки на резервни делови само со една понуда по значително повисоки цени од цените на деловите што ги набавувале претходно со јавни набавки.
Набавката на резервните делови ја вршеле преку управителот на „Гео трејд“ по многу повисока цена. Според сознанијата на Финансиската полиција, во одредени случаи цените биле и осум пати повисоки од претходно набавените.
Истражен судија на останатите двајца приведени - С.М. (58), раководител на јавни набавки при МЖ и М.Ќ. (57), референт за набавки во истата компанија им изрекол превентивна мерка задолжително јавување во судот, а привремено им се одземени и патните исправи.
Според Финансиската полиција, директорите на „МЖ Транспорт“ и на Подружницата за влеча на возови, во соработка со раководителот за набавки и референтот за набавки вршеле набавки на резервни делови со само една понуда и по значително повисоки цени од цените на резервните делови.
Пријавените, и покрај тоа што на залиха имале резервни делови, изготвувале ургентно барање за нови делови. Тие до Службата за набавка и продажба пријавувале наводен недостиг од резервни делови и на тој начин директорите на МЖ му овозможиле на Г.Н. да оствари противправна имотна корист во износ од 8,8 милиони денари.
Финансиската полиција поднесе пријава за даночно затајување, фалсификување или уништување деловни книги и помагање за повеќе управители на фирми, односно за оштетување на државниот буџет, со затајување данок за 16, 9 милиони денари.
Во пријавата на Финансиската полиција, која се однесува за периодот од 2005 до 2009 година, затајување пари по основа на ДДВ, персонален данок на доход и данок на добивка вршење, освен Г.Н. се однесува и на повеќемина сопственици на фирми со кои тој соработувал. Тие изготвувале фиктивни фактури, на кој Г.Н. во повеќе наврати, наводно, префрлал пари од неговата фирма. Потоа парите биле подигнувани со ДДВ и пак му биле враќани, со што е направена штета од речиси 17 милиони денари. |