Верниците од исламска вероисповед вчера го почнаа тридневното прославување на празникот Курбан-бајрам. Овие значајни денови муслиманите ги минуваат во посети на роднини и пријатели, но и за дарување на оние што се сиромашни.
„Времињата што ги живееме се исполнети со конфликти и недоразбирања, со несигурност и закани, со глобална економска криза која се заканува на иднината на обичниот човек, со пречки што си ги поставуваат еден на друг луѓето и народите од различна припадност“, рече во празничното обраќање поглаварот на Исламската верска заедница Хаџи Сулејман ефенди Реџепи. Тој порача: „Почитувани верници, продолжете да бидете градители, а не рушители, придонесувајте за мирот и сеопштата среќа, борете се против негативните појави во вашите средини, против криминалот и анархијата, негувајте ги најчистите чувства на родољубие, сакајте ги вашата вера и вашиот народ, но не на штета на другите, не со правење неправда“. (Б.Ј.)