Милошоски бара датум од Друцас
Македонија бара поддршка од Грција за одлуката за почеток на пристапните преговори со Европската унија, во пресрет на претстојниот самит на лидерите на ЕУ. Со писмо, упатено до шефот на грчката дипломатија, Димитрис Друцас, македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, ја бара поддршката од Грција со аргумент дека земјава веќе втора година се квалификува за почеток на преговорите, по цели пет години статус кандидат за членство. „Ваквата статусна состојба е неодржлива за земја-кандидат што следниот месец ќе воспостави целосна трговска асоцијација со ЕУ во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Таа е неодржлива и за кредибилитетот на ЕУ и за политиката на проширување“, се наведува во писмото упатено до Друцас.
За Милошоски, Грција како најстара земја-членка на Унијата во нашиот регион и докажан пријател на политиката на проширување, преку Солунската агенда и сега со иницијативата Агенда 2014 - 2018, може да го даде клучниот придонес во ревитализацијата на европската интеграција на целиот регион. „Вашата поддршка за донесување одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија ќе го даде неопходниот политички импулс за тоа“, наведува Милошоски. Според него, со ваквиот чекор двете земји заеднички ќе ја поттикнат и климата на доверба во меѓусебните односи „за трајно разрешување на последната билатерална разлика со одржливо решение, прифатливо за обете земји и народи, во интерес на регионалната и на европската стабилност и просперитет“. (Н.Р.) |