Руското стопанство доживува невиден бум
Во големите градови нема невработеност, а две третини од фирмите имаат проблеми да најдат соодветни работници
Русија годинава бележи стопански пораст од 8,1 процент. Експертите на Меѓународниот монетарен фонд предупредија на проблеми поради ваквиот економски бум. Во големите градови има недостаток на работна сила. Виљушкарите во магацините на шпедицијата, што се наоѓа во предградие на крајот од Санкт Петербург, постојано се во движење. Германската логистичка фирма „Ривајвал експрес“, за време на рускиот стопански бум, мораше да одбие некои барања на клиентите поради тоа што имаше премногу работа. Клиентите, пред се', од автомобилската бранша, придонесоа бизнисот на фирмата минатата година да порасне за 40 проценти. Логистичката бранша во Русија профитира многу добро од очекуваните 8,1 проценти стопански пораст во земјата. Меѓутоа, експанзијата на рускиот пазар станува се' повеќе голем предизвик.
Околу 93 проценти од претпријатијата сакаат да вработат нов персонал.
Веќе сега во големите градови нема воопшто невработеност. Две третини од вкупниот број регистрирани претпријатија имаат проблеми да најдат соодветни работници за нивната фирма. „И во ’Ривајвал експрес‘ недостасуваат соработници за новоизградениот магацин“, вели директорот на фирмата Олаф Метцгер. „Тоа, секако, ни создава грижи и е показател дека ние, како фирма во Русија, можеме многу да растеме. Покрај тоа, можеме да наполниме 35.000 квадратни метри со клиенти, кои во принцип веќе ги имаме. Единствено што не попречува е тоа што немаме доволно работници за работа во магацинот“, додава тој.
Да се најде соодветен персонал станува се' повеќе рецепт за успех на рускиот пазар. Рестораните, синџирите за брза храна и други бранши во Москва на големи билборди и реклами во метростаниците се борат за нови работници. Недостигот од работна сила на повеќето луѓе им донесе зголемување на месечните плати. Така, еден обичен работник денес заработува една третина повеќе отколку во минатата година. Дури, и ако се земе предвид инф��ацијата, остануваат 12 проценти повеќе заработувачка. Додека во Западна Европа повеќе луѓе се колебаат дали да го откажат своето сигурно работно место, во Москва токму млади академци најчесто даваат отказ. На младата компјутерска менаџерка Маша Романовскаја одеднаш двојно и' се зголеми платата, а сега ја троши во московските бутици. „Доколку ја задржиш истата работа, никој нема да ти ја зголеми платата. Но, доколку ја смениш работата, тогаш се разбира поставуваш услови, а работодавецот ќе ти ги исполни доколку сака да те вработи“, вели таа.
Рускиот конзум неодамна порасна за 16,5 проценти. Стопанската политика ќе биде најголем предизвик за новиот руски претседател Дмитри Медведев. Како последица на зголемувањето на платите, рускиот конзум неодамна порасна толку брзо како никогаш досега и тоа во рок од една година за 16,5 проценти. Луксузна облека, автомобили на кредит и одмор во Турција, Египет или во некоја од западните земји станаа стандард во животниот стил на новата руска средна класа. Иако експертите во изминатите два месеца бележат мало назадување на потрошувачката кај руското население, сепак, поголемиот дел од народот со задоволство ги троши своите пари. (Дојче веле)
|