Број 3415  вторник, 26 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter
Мислења

ЕВРОПА - БАЛКАН

Искушенијата на косовските избори

Иван Торов

Дали косовските Срби ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори на Косово во многу поголем број

БЕЛГРАД - Дали овој пат косовските Срби во многу поголем број ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на Косово - речиси е потполно извесно - на 12 или 19 декември годинава? Оваа дилема не е нова, се наметнуваше од самиот момент кога Србија воено го изгуби Косово во 1999 година, речиси по правило (не)учеството беше камен на сопнување како меѓу самите косовски Срби, така и во нивните односи со официјалните претставници во Белград. Исходот од тие конфронтации можеше однапред да се предвиди: со одбивање да се интегрира во косовските политички институции, преостанатото српско население помалку или повеќе живееше во амбиент на речиси целосна неизвесност, на „чардак ни на небо ни на земја“, додека самото Косово се' повеќе и побрзо се оддалечуваше од Србија.

Самоизолацијата беше главно обележје и последица на официјалната политика, која беше уверена дека со бојкот и игнорирање на реалноста ќе се постигне што било освен константно туркање на косовските Срби во своевидно гето. Така, со текот на времето, дежурниот изговор на српските политичари дека „се' уште не созреале условите“ Србите да учествуваат на избори во организација на Приштина и меѓународната заедница се претвораше во бумеранг кој систематски го ограничуваше и намалуваше просторот за маневрирање на Србите во Косово.

Иако зајакна свеста дека во меѓувреме многу околности зн��чително се сменија, дека со губење на битката на правен (во МСП во Хаг) и на политички (во ОН, со прифаќање на „понудата“ од Брисел) терен, засега е тешко да се процени дали ќе се смени и односот на српските политичари кон изборите на Косово. Повеќе би можело да се каже дека Белград на некој начин е затечен од најновиот развој (на кризата) на политичката сцена на Косово, но, и покрај тоа, како и понатаму да не е подготвен да се откаже од (полу)официјалниот став дека оставката на косовскиот претседател Сејдиу и распаѓањето на владејачката коалиција (владата на Тачи) речиси е свесно организирана ујдурма за да се опструира почетокот на договорениот „дијалог“ меѓу Белград и Приштина за прашања од егзистенцијална важност за двете држави.

Меѓутоа, српскиот државен врв е свесен дека во меѓувреме позициите на двете страни се сменија, дека на Приштина не и' се брза со „дијалогот“, барем додека не се види кои политички партии ќе победат на изборите, додека на Белград му е важно „преговорите“ побрзо да започнат, проценувајќи дека политичката криза на Косово ќе и' оди во прилог на српската преговарачка платформа. Имено, Србија, и покрај договорот со Брисел, останува на ставот дека предмет на преговори со Приштина мора да биде и статусот на Косово. Токму одлуката на Белград да се откаже од својата првобитна и прилично крута верзија на Резолуцијата во ОН и да прифати „компромис“ со Европската унија, според кој може да се разговара за се' освен за статусот на Косово, беше повод Србија да се награди, така што шефовите на дипломатијата на ЕУ во Луксембург ќе дадат зелено светло апликацијата на Белград за кандидатски статус да се проследи до Европската комисија. Српскиот државен врв го прифати ставот на Брисел дека добрососедските односи на просторот на Западен Балкан се алфа и омега за продолжување на евроинтеграциите, па ќе треба добро да размисли дали со евентуален нов бојкот на косовските избори и со форсирање паралелни институции на власта, на прв чекор нема да се демантира уверението на европските официјални претставници дека Борис Тадиќ е подготвен радикално да го смени односот на Србија кон Косово.

Националистичките партии (опозицијата) во Србија веќе се изјаснија: тие се против учество, за да не се сфати дека српската власт со тоа практично го признава независно Косово. Од партиите од владејачкиот блок засега во полза на изборите единствено се изјасни Вук Драшковиќ (СДО), а својот истороден став деновиве повеќе пати го повтори и лидерот на опозициската Либерално-демократска партија, Чедомир Јовановиќ. Двајцата лидери сметаат дека во интерес на Србите од Косово е да се борат за своите права и со тамошните институции на системот. Во спротивно, ќе се доведат во позиција на луѓе кои се лишуваат од своите права и се согласуваат со статусот на гето. Имено, не е патриотизам да се тераат луѓето да бидат заложници на една аутистичка политика, која последниве десет години се води кон Србите на Косово. Од нив, главно, се бараше да се борат со самоизолација за зачувување на суверенитетот на Србија над Косово, иако тој суверенитет е загубен со Кумановската спогодба и Резолуцијата 1.244 на Советот за безбедност. Така, Вук Драшковиќ истакнува дека е непатриотска политика да го браниме и чуваме она што го немаме, а цената да биде да изгубиме се' друго што имаме. Наш национален интерес е да го штитиме и одбраниме она што го имаме, што е наше и што е државен и национален интерес: црквите и манастирите, економското, духовното и културното наследство. „Народот е поважен од територии“, вели Драшковиќ.


#
Статијата е прочитана 410 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Мислења
Каде се парите?






No-confidence vote in Kosovo government leads to snap elections
Serbian president on historic visit to Croatia
Bulgaria least competitive country in the EU