Мислења
Каде се парите?
Слободан Најдовски
Кај нас се' уште е незамисливо да се протестира поради буџетската политика на Владата
Во битолскиот говор постои еден израз „а бре, каде се парите?“ Вообичаено се упатува кон некој кога избегнува конкретно да одговори на одредено прашање или при повикување на одговорност за бесцелно потрошени средства. Деновиве, со објавувањето на извештајот на меѓународното буџетско партнерство за индексот на буџетска транспарентност, оваа изрека станува актуелна, а е насочена кон македонската Влада за одговор на прашањето: каде, колку и за што се потрошени парите од државниот каса. Според извештајот на спомнатата институција, во Македонија степенот на информираност на граѓаните за буџетот е под просекот на петте испитувани од регионот, а нешто малку над просекот од сите испитувани 94 земји.
Но, требаше ли да ни укажат странските институции дека индексот на транспарентност на буџетот ни е под 50 отсто, па да се прашаме што се случува со трошењето на државните пари. Експертите и дел од политичарите во изминатите години укажуваа на нетранспарентното буџетско работење, но најчесто Владата, но и дел од македонската јавност тоа го оквалификуваа како неаргументирана критика и гола партиска борба за власт. Владините претставници одеа дотаму што укажувањата на одредени експерти и аналитичари ги сметаа за нерелевантни само затоа што доаѓаа од личности што во одреден период биле во влада предводена од денешната опозиција. За волја на вистината, но и, за жал, македонските граѓани некако незаинтересирано ��еагираат кога се во прашање висината и начинот на собирање на даночните давачки и нивното трошење од страна на државните функционери. Кај нас се' уште е незамисливо да се протестира против буџетска политика или реформите што засегаат во придобивките на граѓаните, односно кога им се чепка во џебот, како што деновиве тоа е актуелно во Велика Британија и во Франција.
Од соопштението на центарот за креирање политики се гледа, барем по тоа што е објавено, дека анализирани се, главно, постапките при донесување на извештаите за извршување и ревизија на буџетот. Од извештајот се гледа дека нашата Влада не ги исполнува ниту формалните аспекти за транспарентност. Но, уште позастрашувачка слика ќе се добие ако посуштински се анализира трошењето на одделни ставки во буџетот. Најчувствителни буџетски ставки што подлежат на корупција, а истовремено се и најмногу обвиткани со превезот на тајноста, се договорните услуги, набавката на стоки, во кои спаѓаат набавките на мебел, опрема и возила, како и ставката други градежни објекти. Освен потписниците на сметките, никој во државата нема сознание за што конкретно се трошат овие пари, а станува збор за шеесетина милијарди денари на годишно ниво. Или, само во последните три години оваа Влада потрошила речиси три милијарди евра за оваа намена. Тие се леглото на криминалот поврзан со државните пари. Не само што не постои прегледност за трошењето, туку не постои ни информираност за што конкретно се трошат нешто помалку од половината пари од буџетот. Во Македонија побрзо се доаѓа до документи што претставуваат државна тајна отколку документи од кои ќе се дознае колку во изминативе четири години е потрошено за медиумските владини кампањи. Јавноста не знае дека голем број од буџетските корисници, пред се', министрите, имаат кредитни картички на сметка на министерствата, секако не знае колку и за што трошат од тие картички.
Нашата Влада покажува одбивност јавно да разговара за структурата и намената на буџетот. Така, на пример, на партиските трибини што ги одржуваат со граѓаните, главна поента им е како да ја нападнат опозицијата за работењето во минатото или да се пофалат за изградбата на некоја чешма. Во прилог на затвореноста на нашата Влада, кога е во прашање буџетот, зборува и отчетот на Владата за сработеното во изминатите четири години, кој нонстоп се емитува на Македонската телевизија, но ни збор отчет нема за потрошените десетина милијарди евра буџетски средства откога се дојдени на власт.
Информираноста, но и поактивната улога на граѓаните во донесувањето и во контролата на извршувањето на буџетот, придонесуваат за ефикасна буџетска политика.
- Тоа, пред се', ќе овозможи да се добие реална слика за успешноста и за домаќинлакот на Владата, а токму од тоа најмногу се плаши извршната власт кај нас. Информираноста е потребна и поради оцена на граѓаните за оправданоста на трошењето на буџетот.
- Ја зголемува одговорноста и го спречува или барем го намалува степенот на можна корупција на овластените лица на буџетските корисници.
- Постојаната јавна контрола на расходите ќе придонесе за поголем степен на рационалност и наменско трошење на буџетот.
Затоа е неопходно да јакне општествената свест од потребата многу повеќе во јавноста да се разговара за трошење на државните и на општинските пари, отколку за тоа кој повеќе го навредил својот политички конкурент.
Во иднина треба да јакне контролната функција на парламентот. По правило, најинформирани за буџетот би требало да бидат пратениците, но во практика тоа не е така и не само по нивна вина. Тоа не е случај само со оваа Влада и со овој парламент, но сега тоа е најизразено. Расправата за буџетот во македонското Собрание задолжително мора да биде проследена со детаљна анализа и програма, за што конкретно ќе биде наменет секој денар од државната каса, а не само да има посочени бројки што оставаат слобода еднаква на анархија - во располагањето со нив - од раководителите на буџетските корисници.
Потребно е да се задолжат министерствата на своите веб-страници да ги објавуваат износите за сите извршени набавки, дури и оние најмалите. Тоа и законски да се регулира и да се однесува на задолжително објавување на ставките за набавка на стоки, како и договорни услуги, со исклучок на оние од безбедносен карактер.
Подобрувањето на индексот на буџетска транспарентност битно ќе влијае и врз промена на изборните кампањи кај нас. Наместо досегашните кампањи со политички подметнувања и лажни ветувања, делби на патриоти и предавници, конечно, и кај нас во иднина централно место ќе го заземе темата за големината на даноците и за наменското и рационалното трошење на буџетот во функција на задоволување на потребите на граѓаните и просперитетот на државата.
(Авторот е поранешен пратеник) |