5 ПРАШАЊА
Романија ве чека во европското семејство
Адријан Константинеску, амбасадорот на Романија
Димитар Чулев
Втор пат во историјата Букурешт се покажа како разочарување за Македонија, а поради недобивањето покана на НАТО-самитот, во јавноста има помешани емоции кон Романија.
Најпрво да разјаснам: никогаш во нашата заедничка историја односите меѓу нашите две земји не биле доведени во прашање. Напротив, и особено во сегашно време, овие односи, без разлика дали тие се политички, економски или културни, константно бележат нагорен тренд.
Тоа дека Романија ја имаше таа зла среќа да биде домаќин, втор пат за сто години, на меѓународен настан кој на крајот се покажа како разочарувачки за Македонија е вистина. Но, размислувањето во таква насока би било голема грешка! Романија беше, е и ќе продолжи да биде еден од најактивните и најгласни поддржувачи на евроатлантската интеграција на Македонија.
Какво е Вашето мислење за перспективите на Македонија да стане дел од НАТО и од ЕУ?
Македонија направи големи исчекори кон исполнувањето на неопходните услови за пристапување кон двете меѓународни организации и ние им препорачуваме и на властите и на македонскиот народ да се направат одлучни напори во овој поглед. Во овој контекст и имајќи го на ум особеното значење на приемот во НАТО и во ЕУ и за самата земја и за целиот регион, убеден сум дека преостанатите прашања може да бидат решени во очекуваниот период, па Македонија во најкус можен рок да им се приклучи на двете почитувани евроатлантски семејства.
Ние, Романците, подготвени сме и желни да ве пречекаме во нашето идно заедничко семејство.
По речиси две години членство во ЕУ, дали Романците се задоволни или меѓу обичните луѓе постои и разочараност, евроскептицизам?
Приемот на Романија во ЕУ на 1 јануари 2007 година значеше исполнување на сонот. Сон брутално прекинат од 50-годишниот советски комунизам, меѓутоа сон што на крајот се материјализира како резултат на консензус и компромис на сите политички сили, на големи надежи и напорна работа на сите Романци. И никој не треба да жали, бидејќи тие напори даваат плод: странските инвестиции се зголемија на повеќе од девет милијарди евра само за една година, во 2007; вкупната странска трговска размена е во подем, достигнувајќи повеќе од 80 милијарди евра главно поради членството во ЕУ; невработеноста се намали на помалку од пет проценти... Приближно 32 милијарди евра од европските фондови чекаат да бидат инјектирани во сите економски и социјални сектори до 2013 година.
Многу млади луѓе од Македонија одбираат да студираат во Романија. Кој е нивниот интерес, но и оној на Романија да стипендира странски студенти?
Според мое мислење, тоа се должи на неколку причини: прво, зголемено признавање на квалитетот на романското образование; второ, се' поголемиот број стипендии што им се доделуваат на странски студенти, без разлика на тоа дали станува збор за оние од завршната година или за дипломци или, пак, за магистерски или докторандски студии; трето, потенцијален пристап до европскиот пазар на трудот благодарение на се' поширокото признавање на романските дипломи. Од друга страна, Романија е заинтересирана и желна да ги распространи колку што е можно повеќе својот јазик и богатата култура и цивилизација. Ова е причината зошто топло ги пречекуваме македонските студенти кои сакаат да ги изучуваат романскиот јазик, култура и цивилизација, како и другите научни или хуманитарни предмети.
Амбасадоре, ќе се согласите дека, сепак, меѓу двете земји на највисоко ниво се културните врски.
Да, се согласувам дека културните односи меѓу Романија и Македонија бележат огромен развој во последниве неколку години. Според мое мислење, ова се должи на блиските афинитети меѓу нашите култури, како и сличноста во почитувањето и уживањето во уметноста, воопшто. Во 2007 година нашата амбасада со помош на министерствата за култура од двете земји организира серија успешни културни настани под наслов „Недела на романската култура“. Годинава на ред се нашите македонски пријатели да го сторат тоа во Романија. Ова се случува токму деновиве, во Букурешт и во Крајова. |