Мислења
Акцијата на Израел и меѓународниот поредок
Филип Петровски
Никаква технологија не може да го компензира човечкиот потенцијал и неговата упорност
Поминаа точно две недели откако започнаа нападите на Израел врз Газа. Овој случај е интересен за разгледување од повеќе аспекти и се поставува прашањето зошто токму сега се случува конфликт со олку голем интензитет. Имено, за некој ден Обама треба да започне со своето претседателствување. Дома го чека огромна економска криза за којашто самиот изјави дека може да трае подолго од очекуваното, додека на меѓународната сцена веќе се поставуваат отворени прашања како ќе дејствува тој, односно која ќе биде неговата позиција.
Но, да се вратам на Израел и Газа. Оправдувањето за напад беше да се неутрализира Хамас кој постојано ја ракетира нивната територија, односно во Газа да се инсталира умерената власт на палестинскиот претседател Абас. Всушност, тие сметаат дека со цврста воена интервенција ќе ја намалат силата на радикалното крило, со што би го принудиле на прифаќање примирје, под услови што ги диктира Израел. Ова, лесно можеше да се предвиди, доведе до сосема спротивен ефект од посакуваниот. Хамас, играјќи на факторот време одбива да ги прифати барањата на Израел и истовремено прогласи дека за нив победа ќе биде преживувањето на кризата. Имено, Хамас е навикнат на воени закани, на постојан оган, на притисок. Тие по воен пат и ја презедоа власта во Газа од палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Очекувано, по интензивните воздушни напади, армијата на Израел навлезе во Газа и копнено. Притоа, областа воено ја подели на повеќе делови, настојувајќи да го пресече дотурот на воен материјал. Прогласувајќи ја зоната на своето дејствување за затворена, Израел всушност им забрани пристап дури и на новинарите. Како за споредба, замислете во 2001 година македонските воени власти да забранеа пристап на новинарите во конфликтните подрачја. Што покажува тоа? Покажува одредена сигурност дека Израел може да се потпре на својот сојузник САД, кои многу често во минатите години безрезервно ја поддржуваа нивната борба со терористичките организации. Манифестираната комотност, при состојба во која целиот арапски свет се крена на нозе, значи дека повеќе од јасно на нивна страна го имаат механизмот кој може да ги заштити од санкции или, пак, да ги отслика како агресор. Одредената предност, стекната преку стратегиско сојузништво со САД во кампањата за борба со тероризмот, од која САД не отстапуваат по септемвриските напади во 2001, им даде за право да изберат начини во овој случај кои ги сметаат за соодветни.
Како што поминуваа деновите од оваа двонеделна драма, светот се' повеќе се инволвира во судирот. Израел се' повеќе останува осамен, посебно по копнената офанзива. Сериозни светски играчи ја осудија оваа постапка, меѓу кои и Франција и Британија. Го видовме Саркози дека направи некакви обиди за негово инволвирање и промоција и во овој случај. Меѓутоа, Израел и покрај се' останува на својата траекторија. Светското мнение, исто така, се свртува против оваа акција. Тоа е поддржано со организирани демонстрации насекаде. За кратко време овој воен напад поради самоодбрана (ако можам да се послужам со речникот од култниот македонски филм - „Тетовирање“) го постигнува сосема обратниот ефект за Израел. Деновиве дури почнаа да летаат ракети и од северната граница, од Либан, кон Израел. Хезболах, кој беше цел на напад во 2006 година, побара од Хамас да истрае и притоа да убие колку што е можно повеќе израелски војници...
Според мене, Израел многу добро го познава системот за колективна безбедност кој функционира во Обединетите нации. Израелците многу добро знаат дека имајќи ги САД за сојузник, кој има право на вето во Советот за безбедност, всушност, можат да продолжат со своите акции без притоа да влезат во конфликт со светската организација. Додека на терен се одвиваше копнената офанзива, Советот за безбедност (СБ) одржа неколку вонредни заседанија. Од страна на Либија, која во моментот е единствената арапска држава-членка на СБ, беше поднесена резолуција која повикува на прекин на огнот. Меѓутоа, САД на овој предлог ставија вето и со тоа оневозможија каква било акција од страна на Светската организација, давајќи му на Израел некој ден повеќе за дејствување. Ваквата поставеност системот за колективна безбедност го прави неефикасен, и всушност претставува мала врата за вакви инциденти насекаде во светот. Иако ООН е формирана да го штити мирот, и Советот за безбедност има големи овластувања во оваа област, секоја држава што има свој сојузник може да го заобиколи системот и да дејствува по свое. Така, системот станува бесмислен, а истовремено е невозможно да биде реформиран. Уште поинтересно е што на четиринаесеттиот ден од акцијата, СБ успеа да донесе резолуција со која се повикува на прекин на огнот. Резолуцијата беше донесена со 14 гласа „за“ и еден воздржан (САД, во работата на СБ учествуваше Кондолиза Рајс). Па, сепак, дури и покрај донесена резолуција, Израел продолжи да напаѓа. Бројот на жртви во Газа до овој момент, според ООН, се искачи на околу 800.
Прашањето за реформа на ваквиот систем за колективна безбедност го оставам настрана, за некоја друга прилика. Ќе се задржам на обидот на Израел со воени средства, со огромна надмоќ да ги неутрализира терористите на Хамас. Ефектите, се чини, изостануваат. Иако претрпеа огромни загуби, радикалите ќе излезат прекалени и уште посилно групирани. Она што би требало да му донесе победа на Израел не е функционално. Огромната воена машина, комбинирана со користење лостови во меѓународната политика не го дава посакуваниот ефект. Напротив. Овие терористи, херметички затворени во Газа, немаат што да загубат. Како со нив да се справиш? Ми се чини дека најдобар одговор даде култниот режисер на „Блејд Ранер“, Ридли Скот во својот најнов филм – „Боди оф лајс“. Имено, тој ја прикажува воената надмоќ на државите влезени во долготраен конфликт со фундаменталистите преку технологијата, која е вчудовидувачка. Неколку оперативци се на земја, повеќето во некаков кабинет и преку прецизна сателитска слика делува како да се присутни на самото место на настанот, иако се во САД. Надмоќта што ја имаат без малку потсетува на научна фантастика, според која би требало без проблем да се решаваат ситуациите во сопствена корист. Но, на терен не е така како што се претпоставува. Лишени од основните човекови потреби, фундаменталистите немаат што да загубат. Тие не поседуваат никакви технички помагала или, пак, се откажале од нив доброволно, во интерес на борбата. Така, не постои начин да се пр��сретне нивната комуникација. Сета технолошка надмоќ на терен е сведена на нула. Таму се гине во прашина. Човек на човек. Во таков случај кој може да помогне да се добие борбата со тероризмот? Единствено човек кој им доаѓа оттаму. Човек однатре. Всушност, пораката на Ридли Скот е таа дека мора да се пронајде линк до тоа милје однатре.
Борбата против тероризмот, ако е базирана на етички и морални вредности, мора да најде свои поддржувачи секаде. Никаква технологија не може да го компензира човечкиот потенцијал и неговата упорност. Она што не можеше да го реши цел тим оперативци и уште дузина сателити, на многу едноставен начин го реши човек однатре. Долу на земјата, но со иста верба во исти вредности.
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk |