Во Македонија неделно се случуваат три самоубиства

Во вторникот се случија две самоубиства и четири обиди
Неколкуте самоубиства што се случија во вторникот во Струмица и вчера беа топ-тема низ чаршијата. Се прераскажуваат со молскавична брзина, не верувајќи дека тие се случиле во еден ден и токму на голем празник како што е Свето Преображение. Ваква трагедија случена во еден ден не паметат ни постарите граѓани на Струмица. Најголемо внимание привлече 24-годишната девојка Д.К. која го преживеа падот од зградата на булеварот „Маршал Тито“ во Струмица од 12 метри. Според полицијата, околу 17,15 часот, девојката се качила на покривот на зградата, која се наоѓала во близина на нејзината куќа и движејќи се по работ на плочата, паднала на лимен покрив врз продавниците од зградата и се здобила со тешки телесни повреди. Настанот бил забележан од граѓанин кој во тоа време минувал од спротивната страна на улицата. Тој веднаш се качил на местото каде што паднала девојката, повикал брза помош по што таа била пренесена во Медицинскиот центар во Струмица. Според лекарите од Хируршкото одделение, девојката била донесена во свесна состојба и по укажаната лекарска помош, во стабилна состојба била упатена на понатамошно лекување во Скопје. Истрагата треба да го даде одговорот на прашањето дали станува збор за обид за самоубиство или несреќен случај.
За живот на скопските клиники се бори и 16-годишно момче од селото Едрениково. Тоа, исто така, во вторникот околу 17,30 часот си го расекло градниот кош со самонаправена брусалка во обид да пресече бојлер. По својот живот, завчера посегнал 57-годишниот М.И. од Струмица. Тој со труење си го одзел животот. Истото го направила и 21-годишната девојка од Радовиш, Ј.Е., која се обесила со јаже закачено на таванот од семејната куќа.
Мотивите за самоубиствата се' уште не се познати. Во игра се љубовни, социјални проблеми или, пак, болест. Полицијата се' уште работи на целосно расветлување на четирите случаи.
Два случаја на обиди за самоубиство завчера беа пријавени од Медицинскиот центар во Гостивар. Таму две жени се обиделе да си го одземат животот. Во првиот случај, Е.А. (37) од селото Србиново, инаку пациентка на Одделението за нервни болести во гостиварската болница, завчера околу девет часот скокнала од третиот кат на болницата. Жената го преживеала падот, но се здобила со бројни скршеници и исеченици на телото.
Лекарите од Гостивар завчера пријавиле уште еден случај на обид за самоубиство. Осумнаесетгодишна девојка завчера околу 12,30 часот била донесена во бессознание. Полицијата открила дека младата Т.И. во вторникот околу 22 часот во домот на родители во Долна Баница, испила 30 таблети „лексилиум“ од три милиграми и отишла да спие. Следното утро околу 10 часот мајка и' се обидела да ја разбуди, но бидејќи не реагирала, тие веднаш ја однеле во болница. Според полицијата, најверојатна причина зошто посегнала по својот живот биле честите расправии со сопругот и неговите родители.
Психијатрите ги дефинираат самоубиствата како насочување на агресивноста на човекот кон себе.
„Самоубиствата најчесто се извршуваат во многу депресивна состојба, кога луѓето чувствуваат дека ја губат волјата за живеење. Понекогаш станува збор за планирани самоубиства, но луѓето креваат рака врз себе и во моменти на длабоко чувство на вина“, велат психијатрите.
И импулсивноста може да биде клучен фактор кај младите луѓе во донесувањето на одлуката некој да посегне по својот живот, објаснуваат лекарите. Лицата со импулсивен карактер заклучуваат дека самоубиството е единственото решение за нивните проблеми, без да размислат за последиците од нивната постапка. Според полот на самоубијците, стапката на самоубиства кај мажите е 2,5 пати повисока.
Според полициските извештаи, во првите шест месеци годинава животот си го одзеле 78 лица, а во истиот период минатата година се случиле две самоубиства повеќе. До крајот на 2007 година биле регистрирани 145 самоубиства и 148 обиди за самоубиство.
Од МВР велат дека најчесто лицата животот си го одземаат со бесење, а потоа со огнено оружје, труење и скокање од височина. Како чести причини за некој да посегне по сопствениот живот се наведуваат нервните растројства и болести. (Е.П. - Ј.К.) |