Број 2737  вторник, 15 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Култура

Мерил Стрип и Пирс Броснан во „Мама миа“ ги пеат песните на АББА

Фестивалот во Карлови Вари направи голема посвета на „Новиот Холивуд“, со Мазурски, Фридкин, Скорсезе и Алтман

Сунчица Уневска

Мјузиклот „Мама миа“ во кој Мерил Стрип, Џули Волтерс и Пирс Броснан ги пеат незаборавните хитови на шведската група АББА беше вистинскиот избор за затворањето на фестивалот во Карлови Вари (4 до 12 јули). Распеаната Мерил Стрип во улогата на самохрана мајка, која држи хотел на еден идиличен грчки остров и се подготвува да ја омажи својата прекрасна ќерка Софи (Аманда Сејфрид), е фантастична како и секогаш. Се чини дека Мерил Стрип нема нешто што не може да одигра. Но, интересно е дека овде таа не само што глуми, туку и навистина ги пее познатите песни на АББА заедно со нејзините филмски пријателки, Џули Волтерс и Кристин Барански, и заедно со еден од нејзините тројца поранешни љубовници, Пирс Броснан.

Приказната во овој исклучително гледан бродвејски мјузикл и се врти околу Мерил Стрип и нејзините тројца поранешни љубовници, од кои сите се потенцијални татковци на нејзината ќерка. Покрај Пирс Броснан, тука се и Колин Фирт и Стелан Скарсгард. Нивното доаѓање на островот е, всушност, изненадување за Мерил Стрип бидејќи сето тоа е идеја на нејзината ќерка, која сака да дознае кој е нејзиниот татко. И покрај тоа што станува збор за мјузикл и приказната и не е толку важна, сепак, изгледа дека она што го прави неодолив овој мјузикл е одличниот спој и на приказната и на 22-те нумери на АББА кои се многу ефектно вклопени и преработени, а се разбира, и изборот на актерската екипа.



Приказната е наивна, но слатка ставајќи акцент и на силните пријателски врски, на вредностите на семејството и на љубовните врски кои се одраз на едно време, но со својата топлина, стануваат и многу повеќе од тоа. Хитовите на АББА се на свој начин продолжение и надоградување на приказната, внесувајќи таков оптимизам, забава и расположение кое освојува, и кое направи фестивалот во Карлови Вари да заврши во една распеана атмосфера заедно со публиката, со громогласно смеење и бескрајни аплаузи. Британската театарска режисерка Филида Лојд беше дојдена во Карлови Вари и беше одушевена од приемот. Впрочем, оваа нејзина и филмска по театарската адаптација на мјузиклот, кој има доживеано 13 продукции и го имаат видено над 30 милиони луѓе во цел свет, само пред една недела ја имаше својата светска премиера. Интересно е дека и на филмот работеа заедно трите жени кои беа пресудни и за неговата успешна театарска поставка. Имено, покрај Филида Лојд сценариото исто го потпишува Кетрин Џонсон, а продукцијата е на Џуди Крејмер. Филмот веќе беше прикажан во Стокхолм и членовите на групата АББА иако поканети не присуствуваа на неговата премиера, а деновиве овој забавен филм тргна низ киносалите во светот.



Што се однесува до фестивалот во Карлови Вари интересно е дека оваа исклучителна европска филмска смотра оваа година имаше голема посвета на американскиот филм, па и целата негова завршница некако беше во тој знак („Мама миа“ е британско-американска продукција и кастингот е главно американски). Последниот филм од главната програма беше дебитантското остварување „Гитара“ на Еми Редфорд, ќерката на легендата на американскиот филм, Роберт Редфорд. Филмот „Гитара“ ја донесе во Карлови Вари повторно прекрасната актерка и поранешен модел, Сафрон Бароуз, а исто така и ја загреа атмосферата бидејќи Бароуз беше меѓу фаворитите за главна женска улога. Имено, целиот филм „Гитара“ го носи Бароуз, бидејќи станува збор за приказна за една млада жена која ќе дознае дека има рак на грлото и дека има само уште два месеца живот. Тогаш таа расчистува со се' претходно и влегува во светот во кој се' е возможно, остварувајќи си ги сите свои скриени соништа, за на крајот да излезе дека ракот го снемало, бидејќи не можел веќе да го препознае телото во кое растел. Приказната е симболична, но иако не станува збор за којзнае каков филм, сепак, режијата е добра, а Бароуз сето тоа го прави интересно и гледливо.

Голем дел од фестивалот помина и во знакот на Новиот Холивуд, кој оваа година беше продолжение на ланската програма. Организаторите на фестивалот рекоа дека лани програмата од Новиот Холивуд имала голем одѕив, а освен тоа станува збор за многу филмови (направени во 1960-тите и 1970-тите години) кои во Чешка воопшто не се прикажани и филмови кои извршија силно влијание на многу европски автори. Така, во Карлови Вари во рамките на „Нов Холивуд II“ можеа да се видат легендарните остварувања, како „Боб и Керол, Тед и Алис“ од 1969 на Пол Мазурски, кој беше и гостин на фестивалот, потоа „Француска врска“ од 1971 на Вилијам Фридкин, „Мекејб и госпоѓа Милер“ од 1971 на Роберт Алтман, „Њујорк, Њујорк“ од 1977 на Мартин Скорсезе и „Ноќни движења“ од 1975 на Артур Пен.

Последните денови премиера имаше и филмот „Ханидрипер“ на Џон Сејлс, кој го донесе на фестивалот и американскиот актер Дени Гловер, кој ја игра главната улога во овој филм поместен во Алабама во 1950-тите. Дени Гловер го доби и специјалниот „Кристален глобус“ на претседателот на фестивалот и во стилот на филмот, на пресот се наврати на 1950-тите и на големите промени во последните децении во Америка.


Статијата е прочитана 281 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Дело на Томе Мишев на арт биенале во Пекинг
Пронајдени Шекспировите драми украдени пред една деценија
Презентација на триото на Стејси Фокс во „Точка“
Возбудлива театарска историја
Премиера на „Сон на летната ноќ“
Изложба на Ирена Паскали на „Скопско лето“
„Папрадишки мајстори“ по четврти пат
Михо Атанасовски