ПОСЛЕДЕН ЗБОР
Михо Атанасовски
(1934-2008), писател
По долго боледување, на 13 јули во Скопје почина Михо Атанасовски, поет, писател за деца и малди, драмски автор.
Михо Атанасовски е роден во Скопје на 10 април 1934 година. Средно образование завршил во Скопје, а работниот век го помина како уредник во Македонското радио. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1957 година.
Атанасовски е автор на голем број наслови: „Очите и измаглините“, „Никогаш не сум сам“, „Минуваат пролети“, „Од лав до страв“, „Божурика“, „Еден лав плаче од страв“, „Марко новинарко“, „Во дворецот на сказните“, „Река“, „Големиот јунак“, „Песни“, „Тајната на едно писмо“, „Има еден прозорец“, „Отаде реката“, „Куќичката со бела шамија“, „Кога се сакавме со Тинка“, „Зад девет гори зелени“ итн.
Михо Атанасовски за своето творештво е добитник на повеќе литературни признанија, меѓу кои наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија за најдобро дело од областа на литературата за деца.
Погребот на Атанасовски се одржа вчера на гробиштата во населбата Сингелиќ. |