Нема абер од вештачењето за хеликоптерот
Британскиот експерт Едвард Пули бара документи и време за да ја заврши експертизата до март
Даниела Трпчевска
Странската експертиза за вештачењето на армискиот хеликоптер, кој се урна кај катлановско Блаце, нема најави дека наскоро би можела да биде готова. Британскиот експерт Едвард Пули, кој беше задолжен да го изврши вештачењето, по трет пат од скопското Обвинителство побарал дополнителни информации за да се комплетира експертизата. Бидејќи станува збор за документи од доверлива природа, неодамна претставник на Јавното обвинителство му ги доставил лично на рака во Лондон. Притоа, како што дознаваме, британскиот воздухопловен експерт побарал нова рунда документи, но и дополнително време за да ја заврши обемната експертиза за падот на „Ми-17“ до март идната година.
„Вештакот Едвард Пули бара дополнителни документи, кои не се класифицирани и во најкраток можен рок ќе му бидат испратени во Лондон. Има најави дека експертизата би можела да биде готова до март идната година. Досега имаше неколку барања од негова страна за да му бидат дадени тајни документи. Во постојан контакт сме со него за да му ги обезбедиме сите материјали“, велат извори од Обвинителството.
До кога ќе трае вештачењето и кога Македонија конечно ќе го добие експертското мислење за причините за падот на „Ми-17“, засега никој не знае.
Извори од Обвинителството велат дека се должни да им излезат во пресрет на барањата на Пули, кој за сума од 55 илјади фунти беше задолжен за странската експертиза. Пролетва тој доби рок од три месеци за да го комплетира вештачењето за трагедијата кај катлановско Блаце, во која пред три години загинаа 11 мировници на АРМ. Оттогаш рокот неколкупати беше пробиен, но од Обвинителството велат дека ќе му остават доволно време и простор на експертот, со цел да се детектира вистинската причина за несреќата.
Во меѓувреме, се врши уште едно вештачење во земјава, дали имало обид за влез во хангарот на АРМ, во кој се чуваат деловите од паднатиот хеликоптер. На 12 јануари ќе се обележат три години од кобната несреќа, но случајот се уште е во предистражна постапка. Три комисии една година ги бараа причините за падот на хеликоптерот и ја лоцираа одговорноста, но тоа не беше доволно за да биде поведено обвинение. По барање на јавниот обвинител Љупчо Шврговски беше побарана странска експертиза, за што беше задолжен воздухопловниот експерт од Лондон, Едвард Пули. |