Број 3330  понеделник, 12 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Шпанскиот „Мрежа за комарци“ освои „Кристален глобус“

Хрватскиот режисер Рајко Грлиќ со „Нека остане меѓу нас“ доби награди за режија и Европа синема лејбл

Сунчица Уневска

Гран-прито на 45. Филмски фестивал во Карлови Вари, односно „Кристален глобус“ и сума од 30.000 долари му припадна на шпанскиот филм „Мрежа за комарци“ на Агусти Вила. Жирито предводено од американскиот продуцент Рон Јеркса, а во кое членуваше и Мирјана Карановиќ, Специјалната награда на жирито, која носи 20.000 долари, му ја даде на оскаровецот Јан Сверак за чешкиот куклен филм „Куки“. Додека, познатиот хрватски режисер Рајко Грлиќ ја освои Наградата за режија за неговиот филм „Нека остане меѓу нас“, кој му ја донесе и се' попопуларната награда „Европа синема лејбл“, која ја поддржува европската дистрибуција на филмот.

За сценариото на филмот „Мрежа за комарци“ на Агусти Вила, кој доаѓа од Каталонија, актерката Џералдина Чаплин изјави дека тоа е едно од трите најдобри сценарија што ги прочитала. „Мрежа за комарци“ е приказна за едно чудно семејство, кое тешко го наоѓа патот до комуникација и во кое се' повеќе почнува да се зголемува бројот на животни, што 15-годишниот син ги носи дома. Единствената работа од која тие мислат дека треба да се плашат се комарците. Агусти Вила прави навистина една многу ексцентрична, но метафорична приказна за вистинската припадност и разбирање.

За необичноста на „Куки“ веќе пишувавме, како и за смелоста на Јан Сверак со својата куклена бајка за деца и за возрасни да влезе воопшто во трката за награди и да конкурира сосем рамноправно. Мечето Куки, за чие име Сверак вели дека значи начинот на кој го гледаме светот околу себе, кое е изгубено во шумата и го бара својот сопственик, очигледно успеа да ги собере симпатиите. Многумина беа сомничави прашувајќи се колку денес во ерата на компјутерите, анимацијата и ефектите една ваква приказна со класични кукли може да биде интересна, бидејќи таа за разлика од анимациите е статична и бара големо учество на гледачот. Но, жирито беше одушевено од она што Сверак низ приказната за Куки и низ необичните суштества во шумата, во која тоа е загубено, успеа да го долови.

Рајко Грлиќ пак, успеа дефинитивно да ја освои чешката публика. Неговиот филм „Нека остане меѓу нас“, кој заради смелоста во својата земја доби и доста критики, беше еден од филмовите за кои во Карлови Вари не можеше да се најде билет. „Нека остане меѓу нас“ е современа приказна, во која низ мозаична структура на навидум романтични врски и односи, Грлиќ прави една приказна со горчлив вкус за празнината и невозможноста во лудилото на денешното живеење да се пронајде вистинскиот допир со себе и со светот околу себе.

Интересно е дека сите филмови кои годинава добија награди, но и воопшто главните теми со кои повеќето филмови се занимаваат, се токму проблемите на современото живеење, семејството, врските, барањето себеси во хаосот на денешните извртени вредности. И наградите за улоги ги освоија слични филмови, само што овде станува збор за опасни и морбидни стории. Францускиот филм „Слатко зло“ и ја донесе наградата на младата Анаис Демостиер, во кој режисерот Оливие Кусемак е инспириран од делата на Хичкок, а особено од „Опседнат“. Додека полскиот филм „Мајка Тереза на мачките“ е шокантна приказна за убиството на мајката од страна на нејзините синови и за страшната деградација на традиционалните вредности. Оваа неверојатно мрачна психолошка сторија им ја донесе наградата на браќата во филмот Матеуш Кошчукиевич и Филип Гарбач.

Специјалните признанија жирито им ги додели на уште два филма сместени на сосем различни краеви од светот, но кои создаваат слични меланхолични и вознемирувачки стории за денешната отуѓеност. Првиот е рускиот „Друго небо“ на Дмитри Мамулија, кој прави интересна паралела на животот во Москва и во узбекистанските степи, а вториот е иранскиот „Има работи што не ги знаеш“ на Фардин Сахеб Замани, во кој еден таксист низ разговорите со своите муштерии се' повеќе тоне во тајните на сопствениот свет.

Годинава навистина имаше многу интересен и комплексен избор на филмови кои донесоа неверојатни приказни, соочувајќи не', се' повеќе со сопственото опкружување. Таков беше и романскиот филм „Аурора“ на Кристи Пуиу, кој ја однесе наградата во програмата „Источно од Запад“, а кој низ демистификацијата на убиството зборува за „одвоеноста на целото општество од реалноста“. Специјалното признание во оваа програма го доби уште една сосем откачена приказна за естонското општество, видена низ „Искушението на св. Тони“ на Веико Оунпу. Наградата на меѓународната филмска критика „Фипресци“ ја доби белгискиот полудокументарен филм „Хитлер во Холивуд“, а наградата на публиката отиде кај данскиот роуд муви „Ветерани“ на Николај Стин, една типична нордиска приказна за неколку пријатели.

Во саботата вечерта заврши и ова издание на познатиот чешки фестивал, кој дефинитивно ја има најневеројатната публика на светот, но што е уште поинтересно, се чини дека таа од година в година станува уште поголема. Навистина, делува сосем нестварно сиот тој млад свет кој за време на фестивалот доаѓа во Карлови Вари и со своето откачено однесување му дава сосем посебен шмек. Насекаде седат и буквално лежат млади, се забавуваат, но и со часови чекаат да влезат во киносалите и факт е дека нема ниту една проекција на која не се седи на земја или не се стои од страните. Секаде е преполно и се' работи цела ноќ, претворајќи го фестивалот во посебно доживување. Годинава беа продадени 130 илјади билети, но затоа се добиваат и многу акредитации, чиј број се искачи над 11 илјади. Во Карлови Вари сите сакаат да дојдат, па така секој филм е претставен од некој од екипата. Годинава имаше илјада филмски професионалци, а се зголемува и бројот на новинари, кој годинава достигна шестотини.

На крајот да кажеме дека последните два дена во Карлови Вари пристигна и легендарниот руски автор Никита Михалков, чиј нов филм „Изгорени од сонцето: Егзодус“, кој беше проследен со многу контроверзи во својата земја, каде што не е многу гледан, во Карлови Вари беше испратен со 10-минутен аплауз. Никита Михалков на завршната вечер го прими „Кристалниот глобус“ за својот придонес кон светскиот филм. А на затворањето нему му се приклучи чешката легенда, режисерот Јиржи Менцел, а заедно и одржаа фотосесија. Не е ни чудо што за завршната вечер цела Чешка сакаше да дојде, па беше проблем да се најдат билети. Но, во Карлови Вари секогаш и' се излегува во пресрет на публиката и сите настани ги следат многу повеќе луѓе од што е возможно. Тоа е неговото обележје и неговата тајна формула.


#
Статијата е прочитана 231 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Отворање со Чајковски и Рахмањинов
„Охридско лето“, сепак, почнува со скандал
Делата на Алемдар во Лондон
Музичари од Македонија, Грција и од Турција