Штраус, Чајковски и Дворжак на новогодишниот концерт
Филхармонијата најавува мошне интересни проекти и гостувања на врвни солисти и диригенти и за 2009 година
Македонската филхармонија вечерва, во Салонот на Македонската опера и балет во 20 часот, ќе го одржи новогодишниот концерт за кој, како што веќе пишувавме, билетите се распродадени пред десетина дена. Директорката на Филхармонијата, Маја Чаначевиќ, вели дека и покрај големиот интерес на јавноста да биде присутна на овој настан, вечерашниот концерт ќе биде единствен и нема да се репризира, за да се задржи неговата ексклузивност. Под диригентство на гостинката од Австралија, Николет Фрајон, Филхармонијата вечерва ќе изведува мешовита програма. Во првиот дел од концертот ќе бидат изведени увертира од операта „Руслан и Људмила“ од Глинка, Словенски танци бр. 2 и бр. 8 од Дворжак, како и валс од балетот „Заспаната убавица“ и извадоци од балетот „Оревокршачка“ (Марш, Танц на вилата на бомбоните, Кинески валс, Трепак, Валс на цвеќињата) од Чајковски. Вториот дел од концертот, традиционално и кај нас како и во светот, ќе биде посветен на валцерите и полките од Штраус, но ќе биде изведено и едно дело од Ланер кое ќе ја доживее првата изведба кај нас.
Новогодишниот концерт на Македонската филхармонија во Скопје ќе биде последен за годинава на оваа музичка институција. Маја Чаначевиќ, сумирајќи ги резултатите, вели дека 2008 година е година која беше плодна за Филхармонијата. „Годинава се случија многу прекрасни нешта. Почнувајќи од почетокот, голем број на прекрасни концерти, гостување на врвни уметници од целиот свет кои го поделија своето музицирање со македонската публика. Во јуни го исполнивме скопскиот плоштад со илјадници луѓе... Морам да го споменам и фактот што се вработија околу 20-тина музичари во оркестарот, се зголемија и платите... Она што ни преостана, е новата концертна сала за Македонската филхармонија која со нетрпение ја очекуваме“, вели Чаначевиќ.
Директорката Чаначевиќ и за 2009 година најавува мошне интересни проекти, гостувања на врвни солисти и диригенти. Годината што доаѓа, вели, е особено значајна за Македонската филхармонија бидејќи во неа ќе се прослави 65 годишнината од постоењето на филхармонискиот оркестар. Филхармонијата ќе ги прослави и јубилеите - 100 години од раѓањето на доајените на македонската современа музика, Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев, 200 годишнината од смртта на Хајдн и 250 годишнината од смртта на Хендл. Од позначајните солисти кои ќе настапат во првата половина на 2009-та, Чаначевиќ ги издвојува виолинистите Стефан Миленкович и Јосиф Иванов, виолончелистот Торлеф Тедеен, пијанистите Александар Мелников и Полина Асетинскаја, проектот „Танго“, гитаристот Морган Шимански. Таа најавува за крајот на оваа сезона, поточно на 18 јуни, повторно концерт на плоштадот „Македонија“, но овој пат со еден поинаков звук и со врвни македонски уметници. Филхармонијата нема да ја заборави ниту најмладата публика на која и во наредната година ќе и посвети големо внимание преку т.н. детски симфониски концерти. (Т.И.) |