Велестово е скромно, но планетарно поетско место
Дваесеттото издание на „Поетската ноќ во Велестово“ во знакот на нејзиниот основач Славе Ѓорѓо Димоски
Симе Илиевски
ОХРИД – „Поетската ноќ во Велестово“, најавтентичната поетска и културна манифестација во Македонија, своето 20-то јубилејно издание му го посвети на основачот, идејниот водач и самопрегорник на зборот писател, Славе Ѓорѓо Димоски. Бројните поетски зборољупци и беседникот Кристина Николовска рекоа дека без Славе не ќе постоеше вакво велестовско славење на поезијата. Чинот на славењето на уметноста го облагородија неговите пријатели, сликарите Сергеј Андреевски и Американецот Дик Робертс, кои го презентираа циклусот слики посветени на Александар Македонски. Охридската локална самоуправа почитувајќи го ентизујазмот на Славе Ѓорго Димоски и величината на гостите, кои годиниве наназад тука ја славеа поезијата, на Велестово му подари нов Дом на културата.
„Јас не пишувам поезија, јас вдишувам поезија, а имам една непослушна рака што ја запишува“, возврати Славе Ѓорѓо Димоски на бројните пофалби дека машки ги издржал сите премрежија и од Велестово направил скромно, но планетарно поетско место. „Со својата автентичност и оригиналност „Поетската ноќ во Велестово“ се наметна како посебна форма на изразување почит кон убавиот поетски збор. Оваа манифестација поезијата и сликарството ги извади од класичните академски и салонски форми односно уметноста ја доближи до народот. Со тоа се доближивме и до исконскиот празбор зошто сите цивилизации почнувале со поезијата“, рече Димовски.
Беседникот, проф. д-р Кристина Николовска инспиративно потсети дека „ете 20 години славиме овде на небескиот чардак, зошто Славе реши заедно да се извишиме кон небото и да станеме едно тело со посестримата ни Галичица. Така сме сраснати со планината што таа не прима во утробата, во скутот нејзин и во мајчинството. Има ли поголемо дете од поезијата. Вие што ја пораснавте ноќта во Велестово со зборови и слики решивте да не вдомите во неа, зошто само велестовската секавица го пробива небото и се упатува кон светот“, рече Николовска. Потсети дека чествувањето на поезијата е нешто најдобро што може да му се случи на оној што ја пишува. Велестово токму поради тоа има високо место во македонската културна мапа. Поетската ноќ е жив процес и единствено место каде на средсело се случува поезија.
„Велестово е чардак на небото или пак е најблиску до него, одовде порача Петре М. Андреевски. Тоа е завет што вечно ќе не потсетува на значењето на Поетската ноќ во Велестово. Ова е специфичен облик на поетско вдахновение и светло што грее надалеку низ светот“, рече на отворањето градоначалникот Александар Петрески. „Морам да кажам дека во изминатите 20 години токму во Велестово на убавината на зборот и се радуваше елитата на македонската поезија. Затоа со право Велестово се нарекува ретко катче на македонската поетска и ликовна вредност“, рече Петрески. Додаде дека меѓу сите нив свое место има духовниот водач, основачот на манифестацијата Славе Ѓорѓо Димоски. Тој од Велестово направи култно место каде на чуден начин се спојуваат небото, Галичица и поезијата.
Годинава за првпат „Поетската ноќ во Велестово“ траеше два дена. Вчера беше пуштен во употреба новиот Дом на културата изграден на темелите на старото основно училиште, затворено пред 20-тина години. Напладне се одржа поетски митинг, а потоа беа промовирани монографиите посветени на црквата „Успение на пресвета Богородица“, за што зборуваше Димитар Пандев и за 20-годишнината од Поетската ноќ во Велестово, за што беседеше Венко Андоновски. Во саботата навечер во 21 часот беше одиграна театарската престава „Вака, вака и вака.. итн. и др и сл“ работена според делата на Петре М. Андреевски, а во режија на Владо Цветановски. Според новиот концепт на манифестацијата, изложбата на Сергеј Андреевски и Американецот Дик Робертс поставена во црквата и во новиот Дом на култура, за публиката ќе биде отворена до 29 август.
|